Филмот „Ослободување на Скопје” на тандемот Раде и Данило Шербеџија доби позитивни критики од финските медиуми, а еден од критичарите го нарекува „мал филм со големо срце”...
Како што се наведува во соопштението на продуцентската компанија „Partysans Film“, водечките регионални новини „Torun Sanomat“ пишуваат дека „филмот не е само типично втемелен на приказната за борбата на отпорот против нацистите како апсолутно зло, туку повеќе говори за луѓето кои се обидуваат да го задржат својот идентитет во посебни околности”, и додаваат дека режисерите успеале да ја прикажат хуманоста во своите ликови.
Месечникот „Voima“ истакнува дека веродостојно се прикажани воените услови, а ликовите психолошки нијансирани, додека пак критичарот Илта Саномат кој пишува за на еден од најголемите весници во Финска оценува дека многу уверливо е прикажано страдањето на цивилите, со посебни пофалби за улогата на Раде Шербеџија.
Порталот „Smackthjack.net“ позитивно пишува за природноста на актерите, истакнувајќи го ликот на германскиот офицер Ханс кој го игра Мико Ноусаинен, за кого вели дека не е прикажан клишеизирано туку со доза на човечност. И покрај тоа што “Ослободување на Скопје” е мал филм, тој има големо срце и дава надеж дека и покрај сите хорори доаѓа подобро утре, пишува порталот.
Реализиран како македонско-хрватско-финска копродукција филмот имаше премиера на фестивалот во Пула. Потоа учествува на фестивалите во Сараево, во Битола, Хелсинки, Тузла, а следува негово прикажување на фестивалите во Братислава, Загреб, Белград, Палм Спрингс и Монтевидео.

