Над шеесет наслови детски и едукативни изданија беа промовирани пред публиката во Франкфурт...
Меѓу нив е и едицијата „Бајки од Македонија“ како и авторските романи за деца на писателката Билјана Црвенковска.
Едицијата „Бајки од Македонија“, составена од неколку народни приказни од Марко Цепенков и Танас Вражиновски преточени во модерни сликовници, предизвика голем интерес кај странските издавачи кои го посетија македонскиот штанд.
„Луѓето овде реагираат позитивно на нашите детски изданија, особено на бајките, што само го потврдува тоа дека имаме светски производ“, вели Билјана Црвенковска, уредник и автор на неколку детски романи и детски изданија во издавачката куќа Арс ЛаминаЕдицијата „Бајки од Македонија“ составена од четири бајки е преведена на англиски и француски јазик, а се планира и превод на други странски јазици.
Илустрациите за „Двата цара“, „Момчето што се скри во златното јаболко“, „Девојчето и дванаесетте месеци“ и „Вејко Северко“ ги изработи младата илустраторка Катерина Николовска, чие идејно решение беше избрано за најдобро на јавниот конкурс на Движењето за поддршка на креативноста, Иво Лауренчиќ – „Браво сине“.
Црвенковска која успешно го промовираше и својот роман за деца „Што сонуваше Дедо Мраз?“ вели дека присуството на вакви саеми е од огромно значење не само за промоција туку и за инспирација.
„Секој ваков саем отвора нови видици и е многу важен, особено ако си автор. Иако се работи за огромен саем со голема понуда, овде инспирацијата доаѓа од малите нешта,“ вели Црвенковска.
Инаку, македонските издавачи остварија контакти со повеќе странски издавачки куќи и во тек се преговори за пласирање на детската литература на странски пазари.



