„Жаба“ зборува за посттрауматските состојби и безнадежноста, за силата потребна за да се надминат пречките кои животот ги поставува и за постигнувањето на среќа во секојдневниот живот со помош на малите нешта...
Во Сараево утре, 1 декември, почнува снимањето на долгометражниот игран филм „Жаба“ во режија на Елмир Јукиќ, копродукција меѓу Rеfresh Production од Босна и Херцеговина, Скопје Филм Студио од Македонија и Living Pictures од Србија и Propeller Film од Хрватска.
Автори на сценариото се Пјер Жалица и Елмир Јукиќ и тоа сe базира на истоимената драма од Дубравко Михановиќ.
Театарската претстава „Жаба“ е многу популарна, со повеќе од 250 изведби. „Жаба“ зборува за посттрауматските состојби и безнадежноста, за силата потребна за да се надминат пречките кои животот ги поставува и за постигнувањето на среќа во секојдневниот живот со помош на малите нешта.
Улогите ги толкуваат актерите Емир Хаџихафизбеговиќ, Александар Сексан, Мирсад Тука и Моамер Касумовиќ. Покрај Елмир Јукиќ и Пјер Жалица авторската екипа ја сочинуваат Дејан Дамески кинематографер, монтажата е на Андрија Зафрановиќ, сценографијата е на Марио Ивезиќ, костимите се на Лејла Грахо, Игор Поповски дизајн на звук, а музиката ќе ја компонира Саша Лошиќ.
Главен продуцент е Адемир Кеновиќ, продуцент од македонска страна е Томи Салковски, од Србија е Димче Стојановски и Борис Матиќ од Хрватска.
Македонската екипа која е ангажирана на филмот е веќе пристигната во Сараево и работи на последните технички подготовки кои му претходат на снимањето кое според планот на продукција треба да заврши на крајот на годинава.
Филмот доби подршка од националните филмски центри на земјите копродуценти, како и поддршка од фондот на Советот на Европа за поддршка на европски филмски копродукции Еуримаж.

