Годинава Институтот за македонска литература одбележува 35 години постоење,и континуитет во релевантното исчитување и научното толкување на трајните вредности на македонската литература и култура. Јубилејот, меѓу другото, беше одбележан и со Меѓународната научна конференција „Критика и молк“ која под лупа го стави местото на критиката, стандардите во критичкото промислување и прашањето за комерцијализација на културата. Покрај високиот критиериум за односот кон книжевното наследство, кон традиционалните вредности, кон нивна валоризација и меѓународна афирмација, токму третманот на ваквите теми го прави Институот релевантен и вклучен и во креирање на културните политики кај нас - истакнува директорката на ИМЛ, проф.д-р Маја Јакимовска Тошиќ.
Институтот во изминатиот 35-годишен период, работеше врз реализација на голем број национални и меѓународни проекти; на современи студиски програми за магистерски и докторски студии во областа на културологијата и македонската книжевност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје; врз развојот на својата издавачка дејност, при што во овој сегмент има објавено над 100 научни монографии и 35 зборници од значајни научни симпозиуми, а во доменот на периодиката континуирано објавува три меѓунарони научни списанија, препознтливи во поширокиот европски висоокобразовен и културен простор: „Спектар“, „Контекст“ и „Филолошки студии“. За одбележување е и ангажмант на институцијата во процесот на организирањето на значајни научни меѓународни собири, досега над 50, како и воспоставувањето на меѓународна соработка со сродни научни и високоообразовни центри во регионот - вели проф. Јакимовска Тошиќ.
Јубилејот беше одбележан и со Меѓународната научна конференција „Критика и молк“. Зошто токму оваа тема?
- Повод за конференцијата секако се актуелните состојби во литературата и културата не само кај нас, туку и во пошироки европски рамки. Во последните години бележиме видоизменување на критиката, која се однесува на книжевната, но и на севкупната уметничка продукција. Така, под влијание на општиот тренд за комерцијализација на културата, се евидентира губење и на одредени традиционални вредности, на стандардизирани критички модели. Во новите времиња на дигиталната писменост се забележува модифицирање на критиката, нејзино оддалечување од класичнте стандарди за естетско вреднување, или, пак, забележуваме нејзино релативизирање, па дури и нејзино отсуство. Од друга страна, самата естетска валоризација се сведува на прашање на вкус индивидуален или на одредени конзумеристички заедници, под влијание на трендот за комерцијализацијата на култрата, така што функцијата на критиката, без разлика дали е академска, новинарска или критика на социјалните мрежи, се релативизира или сосема се девалвира. Сметаме дека ваквата културна ситуација овозможува културна продукција без запазени вредносни параметри.
Кои беа генералните заклучоци и препораки од Конференцијата?
- Контроверзите на состојбите во културата, поттикнаа дебати концентрирани во повеќе ориентациони пунктови за мошне актуелни современи ситуации, какви што се прашањата за улогата на критиката во современата македонска култура; за методот во критиката; за критиката како креација; понатаму прашањата за критиката во медиумите; и посебно издвоеното прашање за новите медиуми и нивниот импакт врз вредносните системи; за критиката и преводот, за предизвикување и ревизии на вредносните канони, како и врз особено актуелно прашање за културата во пазарното општество и трендот за комерцијализација на уметноста, како и расправи во однос на актуелниот книжевени живот во Македонија, за книжевни награди и полемики; за книжевна промоција; и др. Заклучоците предизвикани од плодните дискусии повторно го подвлекоа прашањето за дирктното влијание на критиката врз квалитетот на уметничката продукција, за културните програми и политики, прашањето за објективноста при валоризација на уметничката продукција, за висок критериумот при доделување на книжевните признанија и награди и сл. Во ерата на општата комерцијализација во културата потребно е враќање на стандардите во критичкото оценување и на реафирмација на запоставената улога на критиката како кауза.
Институтот во својата дејност има и студии од втор и трет циклус – каков е интересот за нив, каков е воопшто инетересот за проучување на македонската литература?
- Покрај примарната научноистражувачка дејност, Институтот од 2008/09 година во склоп на Универзитетот Св. Киирл и Методиј во Скопје остварува и високообразовна дејност на студиите од втор циклус Културолошки студии во книижевноста, и од трет циклус на студиска програми Културологија како и на потпрограма Македонска книжевност во состав на студиската програма Македонистика. Овие студии ја следат ориентацијата на современата општествена практика за поврзување на општествените и хуманистичките подрачја во контекстот на културната и медиумски профилираната комуникација. Културолошкото профилирање е во согласност со сè поголемата потреба за високо професионален кадар обучен за интегрирано промислување на културните феномени. Поради тоа и големата популарност за студиите, со примената на методолошките перспективи инспирирани од развојот на актуелните сознанијата во науката за литература, социологијата, културната антропологија. Современите културолошки теории се засноваат врз достигнувањата на книжевните теории, особено на книжевната компаратистика, во кои книжевноста се проучува во поширок контекст, преку проследување на феноменот на популарната (масовната) култура и новите медиуми, па сé до идеологијата, политиката, религијата и науката, при што се наметнува потребата од мултидисциплинарно поврзување на одделни феномени во културата (книжевност, филм, театар, сликарство, музика). Имаме интерес за студиите пројавен во пошироката македонска културна јавност, но и на студенти докторанти од странство кои се интересираат за процесите во македонската литература и култура согледани во поширок балкански и европски контекст.
Какво е местото на Институтот и неговите соработници во нашето денешно општество? Се цени ли Вашата стручност, ве консултираат ли доволно за прашања од литературата, културата и хуманистиката?
-Следствено на досегашните нотации за состојбите во култруниот живот кај нас, нужно се наметнува прашањето за местото и улогата на институцијата во креирањето на вредносните системи во културната продукција кај нас, и колку ангажманот на Инстиутот за македонска литература е препознатлив во средината како импакт за креирање и профилирање на национална култура!? Пред научниот тим на институцијата постојано се наметнуваше високиот критиериум за односот кон книжевното наследство, кон традиционалните вредности, кон нивна валоризација и меѓународна афирмација. Со своето стручно мислење Институот може уште повеќе да се вклучи во креирање на културните политики во однос на повисока валоризација на културната продукција. Популаризацијата на нашите проследувања особено во домен на издавачката продукција на научни студии од областа на книжевноста фаворизирани во земјава и во странство, и ваковиот приод во третманот на литературата и културата како општествен феномен овозможи голема популарност на нашите културолошки студии, во согласност со сè поголемата потреба за високо професионален кадар обучен за интегрирано промислување на културните феномени. Сметаме дека нашите посдипломци и докторанти, се и најголеми натамошни пренесувачи на нашите искуства во контекст на пошироката културна и медиумска комуникација.
Александра Јуруковска


