Шестиот Фестивал на изведбени уметности „Импакт“ заврши со претставата „Жена од минатото“ во изведба на Кумановскиот театарна сцената на Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ во Велес...
Фестивалот почна на 4 декември и првпат годинава имаше две претстави за деца: „Девојчето со дрвото во портокаловото царство“ и „Заробена љубов“ во продукција „Наш мал театар“ од Скопје.
Беа изведени и претставите „Будење на пролетта“ на Битолскиот интимен театар, „Делириум тременс“, копродукција меѓу Театарската работилница од Прилеп и Народниот театар од Прилеп, и „Да го поздравиш и да ми го бациш“ на „Артопија“ од Скопје.
Директорот на фестивалот Алексанар Ивановски изјави дека е задоволен од годинешното издание и од посетеноста на велешката публика.
– Целта на „Импакт“ годинава е целосно постигната – со фестивалот да се промовираат современите театарски изрази сосема различни од оние претстави што вообичаено ги следи велешката публика, како и да се посвети внимание на новите тенденции во изведбените уметности, рече Ивановски.
Фестивалот и годинава беше поддржан од германската Фондацијата за култура „Алијанс“ од Берлин.

