Базарот покрај понудата на интересни подароци за претстојните празници ќе им понуди на граѓаните и богата музичка програма...
Град Скопје и Конгресниот центар „Александар Македонски“ и оваа година подготвија интересна содржина за жителите и посетителите на Скопје, каде од 24-ти декември на улица „Македонија“, под мотото „Подари среќа“ ќе се одржува Новогодишниот базар.
“Подари среќа” ќе биде место каде сите посетители ќе можат да купат интересни подароци за најблиските и пријателите. На посетителите ќе им бидат достапни рачно изработени предмети, плетени изработки, новогодишни украси, дрвени очила, божиќно цвеќе, козметика од природни состојки, чоколади и многу други производи.
Секој кој ќе го посети базарот ќе може да купи и новогодишни хуманитарни честитки чии средства ќе се донираат во СОС Детско село, а при тоа ќе се присетат и на традицијата на испраќање на новогодишни честитки, за чија цел е “резервирано” поштенското сандаче на Македонски Пошти, лоцирано во Ристиќева Палата.
Во склоп на програмата, оваа година традиционално ќе се одржии Дедомразовската трка на 25-ти декември со почеток во 12.00 часот. За најмалите е подготвена детска програма, секој ден од 10.00 до 13.00 часот.
Истата вклучува новогодишна парада, дефиле на Снежната кралица, другарување со Дедо Мраз, настапи на Поточиња и Златно Славејче, многу детски игри, изведба на претставата на Брашко, дружба со Петко но и детско воодушевување преку изведбите на волшебниот настап на магионичарот Кристијан.
Музичката програмата во попладневните часови започнува со новогодишни попладневни (after-work) забави и завршува во 22.00 часот со настапи на македонски изведувачи.


