Во издание на „Или-Или“ во едицијата „Поеза“ објавена е стихозбирката „Напишана тишина“ – втора поетска збирка на Јосип Коцев...
Писателката Лидија Димковска во освртот пишува дека книгата го потврдува огромниот поетски талент на Коцев за кого вели дека е едно од најголемите поетски откритија во македонската литература во последната деценија.
– „Напишана тишина“ е ракопис на ерудит кој не ја изгубил димензијата на срцето во умствените витли на јазикот; напротив, неговото младо поетско перо го возобновува романтизмот на македонскиот јазик што не сме ни сетиле кога исчезнал од параметрите на јазичната функција на зборовите. Метафоризацијата на ситуациите и на состојбите во кои се наоѓа поетскиот субјект е ненаметлива, а моќна. Во поезијата на Јосип Коцев се чувствува вокацијата на поетствувањето како апсолутно вградено во човечката природа на поетот, наведува Димковска.
Јосип Коцев (Скопје, 1985) завршил правни студии на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Автор е на поетската книга „Јас, Квентин Скриблер“ (2015). Неговата поезија е објавувана во неколку македонски книжевни списанија и на германската поетска мрежа Fixpoetry.

