Познатиот пејач Џорџ Мајкл почина доцна синоќа на 53-годишна возраст, пренесе „Би-би-си“...
„Џорџ Мајкл почина во својот дом“, во Оксфордшир, изјавил агентот, без да ја наведе причината за смртта на популарниот музичар. Засега останува непозната причината за смртта.
Од лондонската полиција само одговориле дека нема „сомнителни околности“.
„Со голема тага можеме да потврдиме дека нашиот сакан син, брат и пријател Џорџ Мајкл мирно замина во својот дом во периодот на Божик. Семејството замолува да се почитува приватноста во овој емотивен и тежок период. Засега нема да следат повеќе коментари“, се вели во писмената изјава на агентот на пејачот за BBC.
Роден како Георгис Киријакос Панајтоу, стана славен како Џорџ Мајкл. Роден е во Лондон 1963 година. Направи кариера долга повеќе од 30 години, а златното време го достигна во осумдесетите години. Освои две награди „Греми“.
Кариерата ја почна на 18 години во дуетот „Вем“ со Ендрју Риџли, која во текот на 80-тите имаше голем хит „Wake Me up Before You Go Go“. По распаѓањето на бендот, Мајкл започна успешна кариера, а неговиот прв албум „Верба“ (1987) како соло уметник е продаден во повеќе од 20 милиони примероци, а со неговото издавање стана една од најголемите музички икони.
Во наредната деценија издаде уште четири албуми, но само два со целосно оригинални материјал – популарниот „Слушај без предрасуди вол. 1“ и „Постар“ и со „Трпение“ како последен албум.
Британскиот поп-пејач засекогаш ќе остане запаметен по бројните хитови како „Безгрижно шепотење“, „Слобода“, „Премногу штосно“, но и по спотовите кои ги сними со најуспешните топ-модели на деведесетите.

