Со доделувањето на наградата „Прозарт“ на бугарскиот писател Георги Господинов вчеравечер, 31 мај, во Даут-пашиниот амам заврши четвртото издание на фестивалот „Про-за Балкан“...
Наградата му ја врачи уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев. Тој го праша Господинов што се случува за 8 минути и 19 секунди, на што тој му одговори:
-Тоа е времето за кое Сонцето стига на Земјата. Ако Сонцето наеднаш запре, ние ќе ги имаме тие 8 минути и 19 секунди за најважните нешта на Земјата. Прокопиев додаде дека ова отсликува мал дел од неговото раскажувачко мајсторство и дека одликата на Господинов е токму неговата супериорност и масторија и во другите литературни форми каде е многу свој.
Во своето обраќање, за кое вети дека нема да е подолго од 8 минути и 19 секунди, Господинов истакна дека е голема радост што ја добива оваа награда, што ја добива овде, во една блиска држава, меѓу такви писатели и луѓе од литературата на различни јазици.
-Знам дека има еден преќутен стереотип: Кога доаѓаш од периферијата, од тебе се очекуваат локални, регионални приказни. Големите теми се за големите литератури. Пред нас имаме две патеки. Едната е да пишуваме локално и егзотично, како што и се очекува од нас. Другата е да ги раскажуваме нашите локални приказни како универзални, затоа што тие во крајна линија се токму такви. Искуството ми покажало дека токму најличните приказни, токму тие индивидуални приказни се универзални – рече тој.
Тој се заблагодари најмногу на неговите издавачи и преведувачи, како и на неговите баба и дедо кои со нивните приказни станале дел од неговите книги. Пред присутните тој прочита извадок од својот последен роман „Физика на тагата“. Пред годинашниот лауреат и останатите петмина писатели-гости на фестивалот претставија мал дел од своето творештво.
Децата и младите можеби не сакаат да читаат книги и лектири, но сакаат да ги читаат неговите романи, додега осум на број. Прв читаше српскиот писател Марко Видојковиќ. Тој истакна дека одлично си поминал овие неколку дена во Скопје додека траеше фестивалот.
По него следеше словенечкиот автор Андреј Блатник. Тој за својот кус расказ од само 20-ина реда рече дека половина бил напишан пред повеќе од 20 години, а другата половина ја допишал после две децении. Турската писателка Асли Перкер, пак, прочита извадок од последниот нејзин роман „Помогни ми“.
На подиумот застанаа и српскиот писател Звонко Карановиќ и академик Луан Старова, чијшто извадок од романот „Времето на козите“ наиде на одличен прием кај присутните.
Четвртото издание на фестивалот „Про-за Балкан“ свечено го затвори директорот Дејан Трајкоски. Тој се заблагодари на сите учесници, поддржувачи, публиката.
- Се надевам дека „Про-за Балкан“ барем малку ќе придонесе или придонесува во доутврдувањето на ставовите за квалитетот на прозата во земјава и дека воедно ќе помогне таа да биде повидлива надвор од нашите граници – рече Трајкоски.



