Младен Стојановски е еден од нај афирмираните изработувачи на филигран во државата. изминативе година дена тој твори во својата филигранска работилница која е во склопот на Македонското Етно село кај Горно Нерези, до црквата Свети Пантелејмон.
Го посетивме Младен Стојановски во неговата филигранска работилница, која има и свој продажен дел, каде што бројните посетители на овој нов атрактивен туристички комплекс можат на лице место да видат како се изработуваат овие прекрасни минијатурни дела.
Со Младен поразговаравме за неговата досегашна работа, за она што се случува во моментов и плановите во иднина. Погледнете го целото видео тука...
___________________________________________________
Младен Стојановски е роден во 1982 година во Скопје. Во 1999 година започнува со изработка на накит, по завршувањето на средното училиште „Панче Арсовски“ , златарска струка во Скопје. Во допир со благородните метали, алатите и машините е уште од 1997 година.
Од 1999 година до 2004 година е вработен во златарата Рубин, по што од 2004 година започнува самостојно со изработка на накит. Од овој период започнува неговата образовна и професионална надоградба со завршување на средно машинско училиште, дипломирање на Факултетот за ликовни уметности на отсекот вајарство со звање: дипломиран вајар со конзервација и реставрација на метал, икони и ѕидно сликарство, при тоа имајќи педагошка, психолошка и методичка подготовка за работа во основно и средно образование како професор по ликовна уметност.
Во 2016 година ги завршил постдипломските студии на Факултетот за ликовни уметности, на отсекот вајарство, каде што до крајот на истата година треба да ја одбрани својата магистерска теза, под наслов „Сизиф (in apsentia)“.
Во соработка со манастирот „Свети Јован Бигорски“ и манастирот „Свети Ѓорѓи Победоносец“ од Рајчица изработил сребрен ореол за иконата на Свети Наум која е подарок за вселенскиот патријарх Бартоломеј. Соработник (колаборатор) е со Музејот на филиграни во Џенова; учесник на проектот „Butterfly of the world“ со донација на сребрена филигранска пеперутка- експонат во музејот. За потребите на музејот како македонски претставник, изработувач на накит, ја истражува македонската филигранска културна традиција и подготвува трудови (текстови) кои ги публикува во зборници Музејот на филиграни во Џенова.
Во овој период е во подготовка на сребрена филигранска творба која ќе биде следниот негов експонат во овој музеј. Со неговите творби учествувал на приемот на претседателот Ѓорѓе Иванов на Првата Диполоматска Академија во Скопје, во 2015 година.
Во соработка со Француската амбасада од Македонија изработил сребрен филигрански експонат АЈФЕЛОВА КУЛА, подарок за францускиот претседател Франсоа Оланд. Сребрени филигрански манжетни во облик на географската карта на Македонија во која е вметнато знамето на Република Македонија, изработил за американските амбасадори во Македонија: Филип Рикер и Пол Волерс.
Во 2016 година неговиот накит беше изложен во Абу Даби- Шаржа по повод првиот саем на македонска култура во Абу Даби, организиран од Министерството за надворешни работи.

















