Културно-уметничко друштво „Гоце Делчев“ од Делчево со проектот „Работа на КУД Гоце Делчев“ поддржан од Министерството за култура, првпат ќе настапи во азискиот дел на Турција на меѓународниот фестивал во градот Афион и на фестивалот во Бања Лука...
Како што истакна кореографот Зенил Реџепов, овие настапи ќе претставуваат добра можност за промоција на македонскиот фолклор и на сето она што играорците од ова друштво го работат со години.
- Ни претставува огромна чест што ќе имаме можност прв пат да настапиме на фестивал во градот Афион, Турција. Настапот ќе се случи во август, а за таа цел ги почнавме подготовките со младинската група и во Турција ќе патуваме со 30 членови. Кога зборуваме за нови фолклорни дестинации кои планираме да ги освоиме е и настапот во Бања Лука. Ние потпишавме меморандум за соработка со КУД „Југ“ од Бања Лука, со што ни се отвора можност првпат да го промовираме македонскиот фолклор на сцената на фестивалот во Бања Лука, но секако, по пат на реципроцитет, ќе ги очекуваме и нивните играорци на нашите фестивали во Делчево, истакна Реџепов.
Годинава најстарото фолклорно друштво од Делчево ќе работи на зголемување на членството и привлекување нови млади членови, а за програмските настапи, друштвото ќе подготвува нова сценска адаптација на делчевското оро Ситното и негова промоција. Традиционално, КУД Гоце Делчев ќе настапува на фестивалите во Јагодина, Србија и Бургас, Бугарија.
-Традиционалните наши настапи на фестивали во регионот и оваа година ќе ги испочитуваме. Пред се, ќе работиме на подобра организација на нашите манифестации - Пијанечко-малешевската свадба и Меѓунардниот фолклорен фестивал кој по 41-пат ќе се одржи во Делчево, рече Реџепов.
КУД „Гоце Делчев“ постои 45 години и има над 200 членови.

