Трифуновски работејќи на една од најинтересните приказни од Илјада и една ноќ стара неколку века, успеал да направи нов современ и возбудилив сценски приказ, кој не е наменет исклучиво за најмладите. Максимално користејќи ги техничките можности на МНТ, но и еланот на актерската екипа тој прави своја уверлива верзија за Аладин – момчето кое сакаше да стане принц само за да ја ожени саканата принцеза Џасмин.
Иницијативата наМакедонскиот народен театар да ја привлече најмладата публика започна во октомври минатата година со одличната „Силјан Штркот шанца“ според текст на Дејан Дуковски, а во режија на Срѓан Јанаќиевиќ. На 20 март оваа година МНТ за најмладите премиерно ја прикажа „Авантурите на Аладин“ во адаптација, драматизација и режија на Бојан Трифуновски.
Трифуновски работејќи на една од најинтересните приказни од Илјада и една ноќ стара неколку века, успеал да направи нов современ и возбудилив сценски приказ, кој не е наменет исклучиво за најмладите. Максимално користејќи ги техничките можности на МНТ, но и еланот на актерската екипа тој прави своја уверлива верзија за Аладин – момчето кое сакаше да стане принц, само за да ја ожени саканата принцеза Џасмин. Насловната улога му е доверена на Александар Михајловски, кому ова му е втора главна улога по онаа токму во „Силјан Штркот шанца“ каде го игра бунтовникот Силјан. Очигледно е дека на актерскиот сензибилитет на Михајловски му одговараат вакви улоги на шармантни бунтовници, бескомпромисни борци за своите идеали. Како Аладин тој плени со својот шарм, во кој има и детска наивност и безрезерво се предава на ситуациите, со што скоро и незабележано поминува недоволната самоувереност на сцена, која сигурно ќе ја стекне со годините. Во таа насока, паметен е потегот на режисерот Трифуновски улогата на злобниот маѓепсник Абаназер Велики да му ја довери на искусниот и најчесто маестрален Сашко Коцев , кој остварува уште една одлична ролја која долго ќе се памети. Коцев, чиј адут се комичните ликови, гради незаборавена верзија на Џафер, кој уште со првата појава ги плени и возрасните и децата подеднакво. Тандемот Трифуновски-Коцев направија сличен ваков баланс на младоста и искуството и во претставата „Нешто пропуштаме“ на Театар Комедија, претстава која се гледа и памети токму поради Коцев.
Дарија Ризова е преубавата принцеза Џасмин, лик на кој му дава личен печат преку дозирана женска лукавост и ѓаволштина. Камка Тоцновски е убедлива и самоуверена како мајката на Аладин, таа и во карикатуралноста внесува многу зрелост. Никола Ацески е Духот од ламбата и одлично се снаоѓа во ролја која ја синетизира на идеја на режисерот - вечната борба меѓу доброто и злото, или победата на љубовта над алчоста да бидат прикажани низ добрината, снаодливоста, со многу хумор и воопшто игривост на сцената. Императорот или таткото на Џасмин го игра Славиша Кајевски, робинката од прстенот е Драгана Левинска, страшилото е Ненад Анѓелковиќ.
Патувањето низ „Авантурите на Аладин“ не би било комплетно без одличната музика на Џијан Емин која се движи од преработка на моќни рокенрол класици, преку хитовски рефрени, до оригинални парчиња кои ја подигнуваат целокупната атмосфера како на волшебен килим. Тука секако се надоврзуваат и визуелните ефекти, како и сценографијата на Илина Ангеловска, додека пак костимите на Антонија Гугинска и Елица Вангеловска се многу слични на оние од Дизниевата верзија на Аладин. За пофалба се и учесниците од Драмското студио на Магдалена Ризова Черних кои покажуваат сигурни сценски и танчерски движења на кореографијата на Александра Кочовска Начева.
„Авантурите на Аладин“ е магично доживување за деца и возрасни. Режисерот Бојан Трифуновски е препознатлив по интелигентниот хумор ,по досетките што функционираат на прва топка, но и малку подлабоко, бидејќи тој точно знае колу сериозна може да биде шегата. Така оваа забавна претстава на моменти освен што искрено ќе ве насмее и сериозно ќе ве замисли над прашањето - дали љубовта и понатаму е најмоќното оружје во светот?!
Александра Јуруковска

