Во посета на Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје престојуваa неговата еминенција монсињор д-р Николаус Вирвол, еден од основачите и долгогодишен управник на Институтот за Источни цркви во Регенсбург, Германија и неговото високопреосвештенство, митрополитот на Адаман, Мор Григориос Мелки Јурек од Сириската православна црква...
На состанокот на директорот на НУБ „Св. Климент Охридски“, д-р Иван К. Заров, со монсињор д-р Николаус Вирвол и со митрополитот Мор Григориос Мелки Јурек, присуствуваше и деканот на Богословскиот факултет во Скопје, проф. д-р Ѓоко Ѓорѓевски.
На средбата се разговараше за културните и историските врски меѓу Истокот и Западот и за значењето на промоцијата на македонското средновековно културно наследство, со акцент на средновековните словенски ракописи од Македонија во западниот свет.
Монсињор Вирвол беше гостин на свеченото отворање на изложбата „Словенски ракописи од Македонија од XIII до XIX век“ што НУБ „Св. Климент Охридски“ - Скопје ја организираше во Ватиканските музеи по повод 20 годишнината од воспоставувањето на дипломатски односи помеѓу Република Македонија и Светата Столица.

