Скопје травел маркет 2017, кој свечено се отвори на 6-ти и ќе трае до 8-ми април на Скопски саем во Хала 3, е местото каде се претставуваат бројни туристички понуди и други можности од сферата на туризмот...
Овој маркет е најдобрата дестинација за сите кои сакаат да го видат светот. Пред самиот почеток на летната сезона Скопје травел маркет овозможува уникатни и незаборавни моменти.
„Дваесет години од сега ќе бидеме повеќе разочарани од патувањата што не сме ги оствариле, отколку од оние што сме ги реализирале. Значи, треба да ги рашириме едрата и да испловиме, да истражуваме, да откриваме со понудите и на годинешните изложувачи, бидејќи живееме во прекрасен свет кој е полн со убавини, атракции и авантури. Секако, патувањето е повеќе од разгледување на места, тоа е промена која се случува во нас, длабока и трајна, и дава големо значење на нашето живеење.“, порача Даниела Глигоровска, извршен директор на Скопски саем.
„Интернационалните саеми за туризам се можност за квалитетни претставувања на туристичката понуда, но и можност за остварување на нови контакти, релации и ширење на бизнисите. Меѓународниот саем за туризам во Скопје е дополнување на алатките за промоција на сите чинители од туристичката индустрија од Македонија и пошироко. Имајќи го во предвид енормно брзиот раст на индустријата, овој тип на промоција овозможува интензивни деловни контакти кои се моќен сегмент и значаен фактор во економијата, двигател и основен столб на сегашниот и идниот социо – економски напредок во Македонија, регионот и на глобално ниво.“, истакна Лела Крстевска, директор на Агенција за промоција и поддршка на туризмот во Македонија.

