Тројца членови на Детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“-Битола добија специјални признанија од Меѓународниот ликовен фестивал во Канагава, Јапонија...
Станува збор за најголемиот и најреномиран фестивал за детски ликовни творби во светот, а веста што пристигна во студиото е најубавата велигденска честитка за членовите на студиото, изјави за МИА раководителот Коста Хаџи Антоновски.
- Специјални признанија и награди добија нашите членови Мила Јошевска, Анастасија Божиновска и Наум Махајловски. Наградите се од 19-тата биенална изложба на ликовни творби во Канагава, фестивал кој се одржува под покровителство на УНЕСКО. Кај мене како раководител на студиото, но и кај сите членови на детското ликовно студио „Св.Кирил и Методиј“ - Битола, дополнителна возбуда претставува фактот што наградите се добиени во конкуренција на 24.572 ликовни цртежи кои ги изработија и со кои конкурираа деца од 87 држави во светот, меѓу кои и нашата Република Македонија, истакна Хаџи Антоновски.

