Quantcast
Channel: Cooltura.mk
Viewing all articles
Browse latest Browse all 4807

Теон Џинго: За некого историјата е хоби, за нас е живот

$
0
0
Вовед: 

Тука, на Балканот, имаме една специфична тенденција да сонуваме создавање на големи држави. И сите сакаме Голема Македонија, Голема Албанија, Голема Србија, Голема Бугарија, Голема Грција... 

Содржина: 

Многу големи желби, а просторот е мал - вели доц. д-р Теон Џинго, научен соработник во Балкaнолошкото одделение на Институтот за национална историја, аналитичар и учесник во бројни значајни проекти кои донесуваат нови факти и фрлаат нова светлина врз историографската граѓа, во и за Македонија. 

„Еден од најголемите проблеми со кои се соочува македонската историографија е фактот што многу мал број на монографии и зборници на трудови се преведуваат на некој од светските јазици. На тој начин сите нови научни сознанија, воедно и нашите аргументи, остануваат достапни само за македонската читателска публика и за малиот број странски научници кои го познаваат македонскиот јазик. Тврдам дека во иднина мораме да се фокусираме во таа насока и да објавуваме колку што е возможно повеќе трудови на странски јазици, како и преводи на веќе објавени монографии на македонски јазик“ - вели Џинго потенцирајќи ги недостатоците на македонската историска наука.

Ја истражувате историјата на балканските земји, па што мислите - колку постои скриена и преработена историја меѓу соседите, а колку на историјата влијаеле големите светски сили? Дали со новите истражувања испливуваат и нови факти на површина?

- Тука, на Балканот, имаме една специфична тенденција да сонуваме создавање на големи држави. И сите сакаме Голема Македонија, Голема Албанија, Голема Србија, Голема Бугарија, Голема Грција... Многу големи желби, а просторот е мал. И кога тие соништа се судираат поради испреплетувањето на териториите, настануваат проблемите во политиката, во спортот, во трговијата, во науката. Историјата е жива материја, таа е постојано подложна на промени бидејќи постојано доаѓаме до нови податоци, до нови извори кои влијаат на нејзиното толкување. И токму таа можност за нејзино обликување дава широко поле за нејзина употреба, но и злоупотреба. И мора да се направи јасна дистинкција, за некого историјата е хоби, за нас е живот. Секоја држава на Балканот има создадено свој правец кон кој треба да се движи националната историја. Толкувањето на таа историја многу често е канализирано, пред се поради стравот од обвинувања за национално предавство. Јас имам извонредни пријатели од соседните држави кои професионално се занимаваат со историјата. Честопати се сретнуваме на научни конференции и ги соочуваме ставовите во врска со прашањата кои различно ги толкуваме. Тие дебати продолжуваат и во неофицијалните разговори, зад кулисите, но со многу поблаг и поумерен тон. Иако имаме различни ставови, тоа никогаш не било пречка да се дружиме и да разговараме. И некако тука на Балканот постојано се натпреваруваме во контекст на жртвите од минатото, една глупава замисла за броење. Па чиниш кој повеќе загубил во минатото толку е поголем во иднината. А, реалноста е поинаква. Секоја жртва поттикнувала тага, солзи и проколнувања. Таа жртва иницирала нови жртви. И еден загубен живот е премногу, што станува со стотиците илјади од минатото. Мораме да научиме, заради идните поколенија, дека сите сме тука, на овој простор кој го прогонуваат сеништата од минатото, и мораме да научиме да живееме заедно. Тоа е тежок и макотрпен процес, но човек учи додека е жив. Можеби некои идни генерации со потсмев ќе гледаат на нашата „балканска“ ограниченост. Еве, да земеме еден пример од Европа. Германија и Франција во 2003 година објавија заеднички учебник по историја кој се однесува на периодот по 1945 година Toa e позитивен пример, меѓутоа практично е неприменлив на Балканот. Во учебникот доминира една нота во која Франција вели дека Германија е виновна за Втората светска војна, а германската страна се согласува со таа констатација. На Балканот тоа е невозможно. Тука сите ги обвинуваат другите дека се виновни, но никој не е подготвен да ја прифати таа квалификација.

Работевте на собирањето на сведоштвата во периодот на депортацијата на Евреите од Македонија. Каков научен предизвик беше тоа, кои архиви ги користевте и која е најсилната порака што овие сведоштава ја испраќаат?

- Проектот беше реализиран во периодот помеѓу 2012 и 2015 година за потребите на постојаната видео колекција на Музејот на Холокаустот од Вашингтон, САД (United States Holocaust Memorial Center), под раководство на господинот Натан Бејрак. Покрај Македонија, проектот беше реализиран и во десетина европски држави. Се однесува на реализирање на интервјуа со луѓе кои немаат еврејско потекло, но се сведоци на депортацијата на еврејското население. Интервјуата беа снимени со професионалана видео опрема и се достапни на интернет страницата на Музејот на Холокаустот од Вашингтон за јавна употреба. Во тек е процес за нивно преведување на англиски јазик, како и транскрипција на целиот видео материјал. Инаку, поконкретно, се работи за сведоштва видени низ призмата на очите на обичниот Македонец, најчесто тоа биле деца или младинци кои биле присутни во времето и просторот при депортацијата на Евреите од Македонија. Во текот на истражувачкиот процес пронајдовме триесет соговорници кои биле директни сведоци на настаните кои претходеле на 11 март 1943 година – денот кога Евреите од Македонија беа одведени во Монополот во Скопје, а оттаму во логорот на смртта – Треблинка. Во рамките на едно друго истражување дојдов до детален опис за последните мигови на македонските Евреи. Имено, според едно сведоштво Евреите од Скопје, Битола и Штип биле веднаш одведени во гасните комори. И ако останатите композиции вагони полни со Евреи од различни делови на Европа имале минимални шанси за преживување при таканаречената селекција по пристигнувањето во логорот, македонските Евреи веднаш по пристигнувањето биле одведени во коморите. Едноставно, и последната шанса која би овозможила микрон надеж за преживување била елиминирана. Токму затоа, за жал, „успехот“ на нацистите и нивните бугарски колаборатори во Македонија е стоотстотен. Покрај разговорите за депортацијата, фокусот беше насочен и кон животот на обичниот човек во меѓувоениот период, односно контактите помеѓу македонското и еврејското население во Штип, Битола и Скопје. И, говорејќи околу пораката, кога би морал да сумирам, размислувањата ме водат кон познатото еврејско проклетство: Да имаш, па да немаш. Нам тоа и ни се случи, ги имавме, па ги немавме. И откако ги однесоа сфативме колку беа потребни во нашиот македонски мозаик на живеење. Јас сум особено горд, што и покрај сите сеништа од минатото, денес еврејската заедница во Македонија брои околу двесте членови. Со дел од нив негуваме искрено и долготрајно пријателство.

Работевте и на проектот „Евидентирање, фотографирање, снимање и архивирање на видео материјали и разговори со Македонци протерани од Егејска Македонија во XX век“ ( или едноставно познат како „Сведоци“). Колку таа граѓа е истражена и позната? Дали освен во филмско – документаристичка, ќе излезе и во печатена форма?

- Под ова име произлегоа пет играно-документарни филмови кои беа именувани Сведоци – Македонија, Сведоци – Канада, Сведоци – Австралија, Сведоци – Европа и Сведоци – Америка. Станува збор за волуменозен проект во чија реализација беа ангажирани околу педесетина луѓе од Министерството за култура на Република Македонија, Министерството за надворешни работи на Република Македонија, Институтот за национална историја, Кинотеката на Македонија, Македонската радио телевизија, претставниџци на здруженијата на Македонците од егејскиот дел на Македонија и други. Тоа е едно од најгорчливите прашања од историјата на македонскит народ бидејќи се работи за масовно организирано протерување на Македонците од нивните вечни огништа, од местата кадешто со генерации се негувал македонскиот идентите. И постепено, во неколку фази низ историските процеси, Македонците постојано беа подложени на разни репресалии, јавни и тајни, со цел реализација на конечната цел – нивно протерување и создавање на етнички чисти региони. Проектот беше реализиран во периодот помеѓу 2010 и 2015 година со сесрдна помош од институциите кои ги споменав и нивните претставници. Беа реализирани околу 700 интервјуа во Република Македонија, Канада, Асвтралија, Чешка, Унгарија, Полска, Грција и Соединетите Американски Држави. Веројатно сеуште не сме доволно свесни за значењето на овој проект, знаеме дека е значаен, но не во колкав обем. Времето ќе покаже дека сме направиле извонредно дело кое на едно место ги спојува сите пропратни елементи на македонскиот идентитет, во оваа колекција на интервјуа се сплотуваат историјата, географијата, етнологијата, лингвистиката и низа други научни дисциплини.. Тоа е едно огромно пространство кое нуди извонредна можност за сегашните и идните генерации да истражуваат и да создаваат научни трудови базирани врз методот на усната историја. Токму овие сведоштва се нашиот најсилен адут во борбата против негаторите од минатото и од сегашноста. Бидејќи пред вистината и боговите молчат. Би сакал јавно да им се заблагодарам на сите оние кои учествуваа во овој проект, а пред се на Македонците од егејскиот дел кои се согласија да бидат наши соговорници и преку нивните сведоштва да нè движат низ нивната интима. Им благодарам затоа што преку нивните искажувања многу доблесно одлучија да им пркосат на неправдата и заборавот.

Каква е историската наука кај нас, доволно објективна или подложна и на емотивни читања?

- Најголемиот предизвик на секој добар историчар е да се обиде да биде неутрален, односно да ги потисне емоциите секогаш кога ја третира националната историја. Тоа не е едноставен процес бидејќи своето боли најмногу. Меѓутоа наше е да се обидуваме да се соочиме со минатото, но и да го толкуваме на вистински начин. За жал, морам да потенцирам една негативна појава од минатото на историската наука во Македонија кога поголемиот број на научници извршија една груба поделба на македонските историски ликови. Ги поделија на „црни“ и „бели“, односно на подобни и неподобни. И кај оние кои беа ставени во првата група беа потенцирани единствено позитивните аспекти од нивното дејствување, додека вторите беа ставани во негативен контекст. Меѓутоа, да не бидам погрешно сфатен, јас не повикувам на целосна ревизија на историјата. На секоја личност која е предмет на анализа мора да ѝ пристапиме од аспект на разбирање на времето и просторот во која таа личност дејствувала. Да се обидеме да ги разбереме постапките за да дојдеме до заклучоци. Поделбата на позитивни и негативни ликови е карактеристична за едно време кога науката, како и останатите сфери на општествениот живот, беше ставена во една флоскула во служба на елитата. Тое не е уникатен македонски случај. Со ваков проблем се соочуваат многу поголеми држави чиј што број на научници е десеткратно поголем од бројот во Македонија. Тоа се рецидивите од минатото и наша обврска е да научиме да живееме со тоа, да се обидеме да ги корегираме грешките и да ги отвориме сите проблематични прашања. Можеби нема да дојдеме до еден општ, заеднички став, но мораме да се обидеме заради нас и заради идните генерации. Во контект на тоа го споменав претходно, би сакал да наведам цитат на еден од најдобрите интелектуалци кој го дало ова поднебје. Владислав (Славчо) Ковачев, илинденец, учесник во македонското револуционерно движење, доктор по правни науки и еден од најистакнатите Македонци помеѓу македонската емиграција во Софија долги години беше негиран и ставан на маргините на македонската историја. Беше вметнат во онаа група на „црни“ или неподобни ликови од нашето минато. А Славчо Ковачев ја има создадено, според мене, наубавата мисла во контекст на Македонија и македонското прашање: „Пет минути од деноноќието и посветувам на маченицата Македонија, за да се соочам со мојата македонска свест и да се уверам дека не е ништо она што досега сум го сторил за нea. Ја сакам Македонија повеќе од се друго на светот“. Ова треба постојано да си го повторуваме и длабоко во себе да се запрашаме дали правиме доволно. 

Александра Јуруковска

 

Воведна слика: 
Категорија: 
Иде на слајдер ?: 
Да
додади слика: 

Viewing all articles
Browse latest Browse all 4807

Trending Articles



<script src="https://jsc.adskeeper.com/r/s/rssing.com.1596347.js" async> </script>