Осмото издание на БОШ Фестивалот ќе се одржи од 26 до 28 август на повеќе локации во градот Гевгелија...
Најавена е соработка со Астер Фест којашто допрва ќе се случи (на 27-ми во Струмица) и исто така најавена е соработка и со ФЛУ.
За трите фестивалски дена (петок, сабота, недела) предвидени се бројни,off- mainstream содржини (професионални и аматерски), како на пример театарски претстави и перформанси, музика, поезија, филмови и видеоарт, изложби, работилници и други форми на интердисциплинарни и неконвенционални уметнички случувања.
Традиционално во контекст на фестивалот ќе се оддржи и БОШ RECHARGEABLE на Сифулајски острови.
Мултимедијалната платформа БОШ Фестивал - Гевгелија, е обид за естетизирана артикулација и осмислување на ’додадена вредност’ на урбаната култура. Првото издание на БОШ се случи во 2009 година, а во чест и сеќавање на прерано починатиот актер и поет, Бошко Бозаџиевски (1981-2008). Истиот е посвета од неколку блиски пријатели. До сега се одржаа седум изданија на фестивалот и на концептот за создавање на несекојдневен, неконвенционален и оригинален јавен уметнички простор веќе е препознаен од културната јавност во Македонија и пошироко во регионот.
Во изминативе години имаат учествувано повеќе од 300 уметници - музика: „Cul de Sac со Дарко Рундек“, „Mechanimal“, „Klopka za pionira“, „Multietnicka atrakcija“, „Zea“ и многу други. - ликовна уметност: Атанас Ботев, Никола Радуловиќ, Ангел Миов, Иван Ивановски, МОМИ ... - театар: „Еlastic Тheatre“ од Лондон, „Аtom Тheatre“ од Софија, Милош Б.Андоновски... - поезија: Тихомир Јановски, Стефчо Стефанов, Митко Гогов... - Дј сетови: Мирко Попов, Џака Накот, Дј Страјк... БОШ Фестивал е организиран од здружението на граѓани за поддршка и промоција на културата – Арт Еквилибриум, Гевгелија.
Арт Еквилибриум е организација посветена на поддршка, промоција и развој на културата. Целта е да се овозможи интердисциплинарни соработки, подобрување на локалната култура, влијателни поврзувања.
Сите настани на „Бош-фестивал“ во Гевгелија се бесплатни, достапни и отворени за секого, што овозможува непосредна и природна комуникација меѓу учесниците, публиката и организаторите на фестивалот.

