Изложбата насловена како „Play your own game“ на уметничката Љубица Мешкова Солак ќе биде отворена денеска, 10 мај (среда), со почеток во 19.30 часот во Центарот за современа уметност АРТ Скопје...
Љубица Мешкова Солак е автор во постојана акција за нешто ново, уникатно и несекојдневно, а овојпат нејзината творечка и креативна енергија ја презентира во еден нов концепт.
Солак е препознатлива по нејзиниот изразен колорит и цртеж, силна експресивна енергија на силни и одлучни потези и гестови, контрастна насока, движење и боја. На тој начин ги изразува сопствените размислувања и ставови, комбинирајќи ги со разни техники со што се добива специфична ликовна димензија и особен карактер.
Повикувајќи се на насловите од досегашните циклуси вкучувајќи го и последниот „Play your own game“ Солак сугерира слобода и енергија со компонирање и рекомпонирање на формата и ликовните елементи, воведувајќи не во апстракна димензија на концепт испреплетен со нашите судбини и хаосот на човековото постоење.
Творештвото на Солак досега е презентирано на повеќе од 100 групни и 11 самостојни изложби во земјава и во странство, добитник е на неколку награди и признанија. Работи како професор по ликовна уметност.

