Одденеска, 12 мај, па до 18 мај од 20.00 часот во киното „Мис Стон“ во Прилеп ќе се прикажува филмот „Ах, љубов моја“ по сценарио и во режија на Коле Ангеловски, директор на фотографија - Роберт Јанкулоски...
„Ах, љубов моја“ е приказна за позната поп пеачка Сузан, која по успешната турнеја низ Турција и емотивните проблеми предизвикани од раскинувањето на долгогодишната љубовна врска, доаѓа во еден хотел да се одмори во мир и тишина, далеку од јавноста и новинарите.
Меѓутоа, во хотелот се појавува нејзиниот поранешен љубовник Селпин, кој сака да се збогува со неа, по што се тргнува наопаку.
Изненадувачки средби, неочекувани личности и ситуации, кои на крајот сепак ќе завршат со среќен крај.
Од сабота 13 мај, па во наредните денови од 18.00 часот во киното ќе се прикажува филмот „Маша и Медо“ синхронизиран на македонски јазик.
Станува збор за интересна приказна за Маша три-годишно енергично, пријателско и итро девојче кое живее во шумата и секогаш запаѓа во неволји. Нејзиниот добар пријател Медвед, кој ја штити, често запаѓа во неволја покрај Маша.
Но и покрај тоа, тие двајцата заедно со другите животни во шумата ја забавуваат публиката, но и ја учат на креативноста, лојалност и вистинско пријателство.

