Годинашен добитник на наградата „Македонски книжевен Дедал“ е бугарската преведувачка, поетеса и писателка Тања Попова, за својот опус од десетина преведени книги од македонски писатели на бугарски јазик...
Наградата „Македонски книжевен Дедал“ традиционално ја доделува Книгоиздателството „Макавеј“ од Скопје во рамки на Македонската книжевна визита.
Наградата која се доделува на бугарски автор преведувач за значителен придонел за афирмација на македонската литература во Бугарија и за унапредување на соработката меѓу писателите од двете земји, на Попова во Културно-информативниотцентар на РМ во Софија и ја врачи уредникот на „Макавеј“ Владимир Цветкоски.
Заблагодарувајќи се Попова истакна дека признанието и носи голема чест, а преводот на македонските автори од редот на доајените, но и од младата генерација творци и можност да ја запознае македонската книжевност и да ги зближи двете култури.
– Првата средба со македонската литература се случи на втората Книжевна визита, манифестација која направи многу за развојот на односите меѓу културите и литературите на двете земји, зашто постоеше потреба од таков мост. Литературата која ја запознав, како и врските кои се создадоа со моите македонски пријатели ме поттикна да започнам да се занимавам со преведување во насока на зближување на двете култури, рече Попова.
Тања Попова е родена на 22 јули 1966 година во градот Костенец, во Софиската област. Магистар е по микроелектроника, а специјализирала и инженерска журналистика. Живее и работи во Софија.
Пишува поезија и раскази, а нејзини книжевни трудови се објавени во повеќе бугарски весници. Од 2009 година активно се занимава со превод на уметничка литература. Преведува од македонски, хрватски, српски и од руски јазик. Има над 20 преведени книги, две пиеси и едно сценарио за филм.
Во Макдонија е носител на наградата „Гоцева мисла“ за 2016 година. Има преведено дестина книги од македонски автори меѓу кои и Луан Старова (Времето на козите), Киро Донев (Четириножните рицари, Сбркани сказни) и Паскал Гилевски (Посмртна венчавка).
Според организаторот, еден од најдрагоцените придонеси на Македонската книжевна визита во Софија е откривањето, поттикнувањето и афирмацијата на нови преведувачи на македонската литература во Бугарија.
Во таа смисла наградата „Македонски книжевен Дедал“ која „Макавеј“ ја доделува на секое издание од оваа манифестација придонесува да се оформи во изминатата деценија нова група квалитетни преведувачи (најчесто, истовремено и писатели) кои безрезервно ја согледаа квалитетната и специфична мисија на македонската литература.
Меѓу најголемите нејзини афирматори се угледните современи бугарски писатели и преведувачи: Петар Караангов, Иван Гранитски, Бојан Ангелов, Елка Њаголова, Димитар Христов, Николај Шопов, Роман Кисјов, Здравка Итева, Тања Попова и др.
Овие преведувачи, кои се и темелни автори на бугарската литература, заедно придонеле околу 60 дела од македонски автори во изминатата деценија да бидат пласирани и афирмирани на бугарската книжевна сцена.
Македонската книжевна визита завршува денеска, 13 мај, со посета на Музејот на Никола Јонков Вапцаров.

