Државно-црковна делегација од Република Македонија денеска ќе се поклони на гробот на свети Кирил во Рим, во рамки на традиционалната манифестација „Македонија во чест на свети Кирил“...
Делегацијата ќе ја предводи министерот за надворешни работи Никола Попоски, а со молебенот на гробот на светителот ќе чиноначалствуваат митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј и митрополитот европски Пимен.
Поради службени обврски денеска во Москва, претседателот Ѓорге Иванов во Рим ќе престојува во петок и ќе ја предводи државно-црковната делегација на аудиенцијата кај папата Франциск.
Иванов задутре во Апостолската палата ќе има средба и со државниот секретар на Светата столица, кардиналот Пиетро Паролин.
Во делегацијата за чествување на свети Кирил е и заменик-министерот за култура Драган Недељковиќ, а во нејзини рамки утре ќе има музичка програма со настап на етногрупата „Баклава“ во театарот Ghione во Рим.
Чествувањето со различни манифестации продолжува до денеска, а меѓу нив централно место има поклонението на гробот на св. Кирил во базиликата Св. Климент во Рим. Првпат е организирано во 1969 година, за 1100 години од смртта на свети Кирил, и оттогаш секоја година на 24 мај се одбележува со највисоки почести од црковно-државна делегација.
Традиционално, 24 Мај беше ден само на образовните институции и просветните работници, а од 2007 година тој е и државен празник на Република Македонија.

