Македонската уметница Гордана Винчиќ, која подолг период живее и твори во Шведска, го привршува својот престој во Мароко.
Целта на патувањето е изложбата со тема „Боите на Африка“ групна изложба во градот Сетет во Мароко организирана од Уметничката асоцијација Tamessana des Beaux Arts и општината на градот Сетет од 19 до 28 мај.
- Престојот во Мароко во е на трошок на Асоцијацијата. Импресиите се магични. Организацијата на исклучително високо ниво, а самите организатори ме примија како член од семејството, вели Винчиќ.
Таа вели дека со оглед на генерално понискиот степен на образование, пред се кај женската популација, на едуцираните жени се гледа со голема почит, и со задоволство се слушаат искуствата за бројните нејзини патувања.
- Животот во Мароко е многу автентичен. Полн е со мистика и стари занаети кои се најчесто изумрени во остатокот од светот. Посебен впечаток ми оставија раскажувачите на приказни во Маракеш, Берберите кои со своите приказни пренесуваат знаење и мудрости за човечкиот живот и како да се справите со предизвиците, вели Винчиќ за cooltura.mk.
Во Мароко таа е претставена со две дела кои беа изложени до 28 мај, а на тамошната колонија се создале уште две нови дела на платно, како и бројни цртежи.
















