Претставата „Интрига и љубов“ според мотиви на Фридрих Шилер, во режија на Љупчо Ѓоргиевски премиерно ќе биде изведена на сцената на Кумановскиот театар во среда, 7 јуни...
Се работи за сценски богата претстава во која е раскажана приказната за забранетата љубов на двајца млади, благородник и граѓанка, на кои им се вплеткуваат манипулатори од повисоките општествени слоеви преку различни интриги.
Режисерот Ѓоргиевски на прес-конференција посочи дека подолго време не е игран Шилер, иако класиката, рече, е духовна хигиена за ансамблите.
– Шилер е значаен за развој на европската цивилизациска мисла. Toj e критичар на тоа време. Приказната ја следи љубовта на двајцата млади низ интригите на власта, рече режисерот.
Според актерите, претставата се обидува да го долови тој романтичарски дух, кој и не соодветствува на денешното турбулентно време. Сметаат дека со труд и ангажман на екипата, публиката ќе ужива во претставата.
Актерот Горан Илиќ, кој го игра таткото на сиромашната девојка, рече дека играњето претстави од ваков вид го буди сензибилитетот кај помладите колеги и дека ќе допре до публиката.
Во претставата играат и: Нина Максимова, Марко Трајковиќ, Kети Дончевска-Илиќ, Јордан Витанов како гостин од Велешкиот театар, Антонио Димитриевски, Александра Пешевска и Мирослав Петковиќ.
Директорот на Центарот за култура Сашо Костовски информираше дека претставата е втора премиера во тековната година и ќе се игра на редовниот репертоар.

