Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ - Скопје во петок, 24 јуни, ќе бидe домаќин на петчлена делегација од Националната библиотека на Народна Република Кина...
Делегацијата од Националната библиотека на Народна Република Кина ја сочинуваат Чен Ли, заменик извршен директор на Националната библиотека на Кина, Ма Џинг, заменик директор за меѓународна соработка, Шје Чјанг, заменик директор на секторот за општи работи и управување, Ванг Јанг, заменик директор за набавка на библиотечен материјал и обработка, Хао Џинмин, библиотекар во меѓународна соработка.
Д-р Иван К. Заров, директорот на НУБ и д-р Чен Ли, заменик извршниот директор на Националната библиотека на Кина, ќе потпишат Меморандум за соработка со цел проширување на соработката во областа на библиотечно-информациската дејност и зајакнување на професионалните односи меѓу двете библиотеки,
Исто така, Колегиумот на НУБ ќе оствари работна средба со гостите од Кина заради заемно запознавање со достигнувањата и перспективите на развојот на библиотекарсвото при што ќе се разменат идеи за проекти во областа на стручната обработка, современите технологии, реставрацијата, конзервацијата, како и дигитализацијата на библиотечен материјал.
Одговорните за посебните збирки во НУБ за гостите ќе подготват пригодна изложба и ќе претстават дел од непроценливото културно наследство на Република Македонија што се чува во фондот на НУБ, а кое зборува за културните и историските вредности и корени на нашиот народ.
Амбасадорот на Кина во Македонија, Вен Женшун, ќе присуствува на официјалното потпишување на меморандумот за соработка.

