Македонскиот народен театар со претставата „Животот е прекрасен“ во режија на Александар Морфов гостува на 41-те Денови на сатирата во Загреб, на 18 јуни со почеток во 20 часот на големата сцена во Хрватско народно казалиште...
Фестивалот Денови на сатирата беше отворен на 2 јуни во организација и реализација на Сатиричниот театар Керемпух. Овој познат фестивал кој секогаш бил многу посетен и се темели на претстави со висок жанровски и стилски распон, со моќна присутност на хрватски автори и авторски проекти.
Од вкупно 47 пријавени претстави, селекторите се одлучија за 15 наслови/претстави кои ја сочинуваат овогодинешната програмата, составена од дела на современи автори и авторски проекти, но застапени се и адаптации на класиците. Во селективната програма е и Македонскиот народен театар со претставата „Животот е прекрасен“.
Во програмата на 41-то издание Денови на сатарата ќе бидат одиграни шест хрватски претстави, три словенски, две од Србија, една од Македонија, Германија и Црна Гора, а една од претставите е српско-црногорско-унгарска копродукција.
Автори на претставите се: Семуел Бекет, Ричард Беан, Бобан Скерлиќ, Рајко Грлиќ, Анте Томиќ, Мате Матишиќ, Арпад Шилинг, Иван Видиќ, а режисерски ги потпишуваат Саша Божиќ, Винко Брешан, Јануз Кица, Кокан Младеновиќ, Милан Нешковиќ, Вито Тауфер, Игор Вук Торбица.
Организаторите на фестивалот очекуваат повеќе од 300 изведувачи и учесници, а затворањето е во недела на 21 јуни со доделувањето на наградата „Денови на сатира Фидел Хаџиќ“, а оценката за најдобра претстава ќе ја даде комисијата во состав: Бојана Радовиќ, театарска критичарка во „Вечерен лист“, драмскиот уметник Ливо Бадурина и драмскиот писател Томислав Зајец. Душко Љуштина, директорот на Сатиричниот театар Керемпух, изјави дека од далечната 1976 година, секоја наредна година, претставите на најдобар можен начин ја промовираат сатирично-комедиографската литература.
– Фестивалот оваа година е три пати поскап, па тоа веројатно значи дека е најдобар до сега, изјави Љуштина.
Освен во Керемпух, програмата Денови на сатира ќе се реализира и во Хрватско народно казалиште и во казалиште за млади во Загреб.

