На 22 јуни (четврток) со почеток во 19,19 часот во Салонот 19,19 на Културно-информативниот центар - Скопје ќе бидат промовирани книгите „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!“ и „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот“ на новинарите на Македонското радио – Радио Скопје и публицисти Искра Чоловиќ и Свето Стаменов...
Книгите се посветени на првата македонска поетеса и основоположничка женското писмо во современата македонска поезија и литература воопшто Даница Ручигај, која загина во скопскиот катастрофален земјотрес во 1963 година.
Со овие две книги се заокружува мултимедијалниот проект посветен на Даница, кој започна со специјалната радио - емисија „Ако влегуваш во овој храм во кој љубовта е вера, помоли се!”, што беше емитувана во пет едночасовни продолженија во текот на јули и август 2013 година на програмата на Македонското радио - Радио Скопје по повод педесетгодишнината од трагичната смрт на првата дама на македонската поезија и кој кулминираше со радио - елегијата „Лебедовата песна на Заробеничката на ветрот”.
Овие книги, всушност, се своевиден претоп на жанрот радио - емисија во книга коментари, сведоштва, критики, есеи, поезија и поезија за поезијата на најпоетесата меѓу македонските поетеси, раскошната и незаборавна Даница Ручигај, која остави длабоки и неизбршливи траги не само во современата македонска поезија, туку и во македонската култура воопшто.

