Министерството за култура со известување за јавноста за одлуки за разрешување на директори во национални установи на културата...
Министерот за култура, Роберт Алаѓозовски денеска донесе решение за разрешување на директорите во НУ Театар за деца и младинци – Скопје, Братислав Димитров, и на НУ Театар Комедија – Скопје, Јелена Жугиќ.
Како вршителка на должноста директор во Театарот за деца и младинци – Скопје е именувана актерката Катарина Илиевска - Силјановска, додека за вршителка на должноста директор во Театар Комедија – Скопје е именувана Мирјана Поповска - Ристов.
Од Министерството велат дека во најскоро време ќе биде предложена измена на Законот за државни службеници, со цел да се одблокираат институциите и да се обезбеди демократски трансфер на власта во сите ресори.
Потоа, веднаш штом за тоа се исполнат законските услови, Министерството за култура, низ еден целосно отворен и транспарентен процес, ќе распише конкурси и ќе спроведе постапки за избор и именување на нови директори, на кои сите заинтересирани кандидати од самите институции, но и надвор од нив, ќе можат да ги предложат нивните програми и визии за департизација, заздравување и унапредување на работата на културните институции, велат од Министерството за култура.


