Промоција на поетската книга „Црна точка“ од поетесата Даниела Андоновска Трајковска во Новаци...
Промоцијата ќе се одржи на 16.08.2017 со почеток во 18,00 часот во Културно иновативниот клуб во Новаци и е во рамките на Културното лето Новаци 2017.
Промотор и рецензент на книгата е Весна Мундишевска Велјановска.
Даниела Андоновска-Трајковска е родена на 3.02.1979 година во Битола, Р. Македонија. Работи како вонреден професор на Педагошкиот факултет-Битола, Универзитет „Св. Климент Охридски“ – Битола на група методички предмети меѓу кои Методика на наставата по македонски јазик, Методика на наставата по почетно читање и пишување, Критичка писменост и Методичко моделирање на креативното пишување. Магистрира на тема Методски постапки за поттикнување на поетското творештво во одделенската настава во 2006 година, а докторира на тема Методичко моделирање на развојот на критичката писменост како општообразовна компетентност на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола во 2010 година. Коосновач и активен член е на Универзитетскот литературен клуб Дениција ПФБТ УКЛО. Член е на Македонското научно друштво (МНД), а од 2016 година е претседател на Уредувачкиот совет на МНД. Освен стручни и научни трудови објавени во земјата и во странство, пишува поезија, кратки раскази, литературни критики и есеи. Автор е на збирката поезија Збор за зборот (со Златко Жоглев и Гордана Стојаноска) и „Поема за маргините “(со Гордана Стојаноска). Уредник е на поетските изданија „Збор во зборот“ (2013, 2014) и списанието за култура, литература, драмска уметност, филм и издаваштво Современи дијалози.
Нејзината поезија е објавувана во земјата и во странство. Добитник е на меѓународна награда на Светскиот натпревар за поезија Носиде 2011, Италија, поддржан од УНЕСКО, а наградената песна е објавена во Светската антологија на поезија Носиде 2011.

