Во Мултикултурниот центар во Кочани синоќа беше промовирана книгата под наслов „Трнливиот пат на една македонска фамилија“ од Стојан Рашков, како прва книга од трилогијата „Патот на борбата“.
На промоцијата присуствуваа голем број кочанци, потомци на револуционерните семејства за кои пишува Рашков во својата книга.
- Книгата претставува сведоштво за тажната судбина на илјадниците македонски семејства кои се поклонија пред таа незгасната желба за слобода во едно безнадежно време. Преку ликовите на Стојан Рашков Малинов и Ангел Рашков ја опишувам борбата на македонските револуционери сведоци на двата Илиндена од 1903 и 1944 година, истакна Рашков на промоцијата на книгата. „Трнливиот пат на една македонска фамилија“ е прва книга од трилогијата „Патот на борбата“ и во неа е раскажана приказната за непокорот на семејството Рашкови од Кочани и нивната вековна борба за уништување на прангите од ропството. Авторот Стојан Рашков е роден во Кочани 1988 година. Како студент живеел и работел во Бостон, Масачусетс, во САД. Дипломорал на Економскиот факултет во Скопје. Преку ЕВС програмата, која е дел од Еразмус+, во 2016 година бил волонтер два месеца во Лиепаја, Летонија. Ова е прва книга проза на Стојан Рашков.

