Повеќе од 388 натпреварувачи од 22 држави се дел од ултра планинскиот маратон „По патеките на Крали Марко“, што по седми пат ќе се одржи викендов (22 - 24 септември) во Прилеп.
Годинава, како што информираат организаторите Здружението „По патеките на Крали Марко“, ПСД „Макпетрол“ и општина Прилеп, се трчаат четири трки.
Најстарата и најмасовната трка „Трескавец Треил” е долга 16 километри и стартува од амфитеатарот во населбата Варош, минува под Марковите Кули и преку живописните околни прилепски ридови оди до манастирот Трескавец. „Камена Баба Треил” во должина од 31 километар започнува и ја следи истата патека до манастирот Трескавец како и „Трескавец Треил” за потоа да продолжи по карпест терен на патот за селото Дабница. Оттаму го качува ридот Кукул на кој се наоѓа локалитетот „Камена Баба” и се упатува кон контролната точка на Прилепското езеро. Од таа контролна точка патеката се враќа назад и се упатува кон седлото „Наковална” каде се префрла на северната страна на ридот позади Марковите Кули.Третата стаза „Козјак треил“ е одржана во 2012 година како прва и најдолга ултра планинска трка во Македонија со 65 километри. Името на трката потекнува од највисоката точка на патеката, врвот Козјак, кој се наоѓа на точно половина патека, а истата има вкупно висинско качување од 3.000 метри.Најдолгата трка е „Крали Марко Ултра Треил“ со должина од 110 километри. Патеката оди преку низа од села, манастири и историски места, а недопрените треил патеки во резерватот Мукос, врвот Козјак и Марковите Кули, како и техничките спустови низ карпест и каменест предел, ја прават трката да биде ултимативен тест на изджливост и една од најтешките на Балканот.За најмладите е наменета трката „Маркукуле треил“, во должина од 1,5 километри и од амфитеатарот во Варош оди до манастирот Св. Архангел Михаил веднаш под Марковите Кули, а завршува повторно во Варош.

