Филмот „Златна петорка“ на Горан Тренчовски победи на фестивалот во Мумбај, Индија, и ја освои наградата за Најдобар странски филм.
Филмот во петокот, во официјалната програма на 36. Интернационален филмски фестивал во Њу Џерси, имаше и американска премиера по што беше поздравен со долготраен аплауз, а режисерот одговараше на прашања на публиката. На премиерата, меѓу другите, присуствуваа и бројни претставници од американската филмска индустрија, како и од македонската заедница во САД.
Ден потоа, „Златна петорка“ се прикажа и во Мумбај, на индискиот Јагран филм фестивал, кој е моментно најпосетениот филмски фестивал во Јужна Азија и се одржуваше во 16 градови во Индија. На затворањето на фестивалот, синоќа, во центарот на Боливуд, филмот ја освои Наградата за најдобар странски филм, а режисерот Тренчовски имаше обраќање со видеопорака.
„Златна петорка“ кој е во продукција на Револушн од Скопје, наскоро ќе учествува и на фестивали во Варшава, Санкт Петербург, Брно, Софија и Нови Сад, а странски дистрибутери се заинтересирани за правата за прикажување во Америка, Европа и Азија. Досега е селектиран на над 20 фестивали, освои шест интернационални награди и е најгледан македонски филм изминатата сезона.

