Покрај Роџер Санчез, Голди, Даб Пистолс и Тој Долс, уште една високотиражна атракција од светската музичка сцена се приклучува во листата изведувачи кои ќе ја предводат програмата на шестото издание на Д фестивал...
Од Англија на Д фестивал во Дојран доаѓа хит дуото СИГМА (Sigma), кое со самото појавување на сцената ги освои двете први места на британската листа на синглови со хитовите „Rudeboy“, „Changing“ и колосалниот „Nobody To Love“ чиј спот пак, бележи повеќе од 199 милиони прегледувања на нивниот „Јутјуб“ канал.
Споменатите видео и сингл им донесоа дури две номинации за „Брит“ наградите, што е најдобра потврда за успехот и актуелноста на нивниот звук, покрај листата соработници со имиња како Канје Вест (Kanye West), Палома Феит (Paloma Faith), Ерик Притц (Eric Prydz), Ели Гулдинг (Elie Goulding), „Кајза“ (Kiesza) и други.
Минатата година на врвот на топ листите се искачи и нивниот сингл „Higher“ на кој гостува популарниот англиски пејач Лабринт (Labrinth), како најава на новиот албум на Сигма насловен „Life“, со кој ги воодушевија и фановите и критиката. Кон крајот на годината стигна и соработката со Рита Ора, светскиот хит „Coming Home“.

