„Денес Бакрески покажува уште еден премин. Повторно од внатре кон надвор, но овој пат и од надвор кон внатре. Автентично и со огромна доза перфекционизам. Преминот од традиционалното кон дигиталното. Ако првото ги крие принципите на уметничката креација, тогаш второто ги открива. Пред нас денес се открива тајна која само уметник смее да ја знае. Денес воведени, иницирани во креативниот процес можеме да ја сфатиме моќта на светлината и нејзината победа над темината, но и неминовноста на темнината без која ниту светлината ниту сенките не би можеле да постојат“ - ќе рече за изложбата Мерсиха Исмајлоска.
Јане Бакрески е визуелен уметник и доцент по визуелни уметности на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид. Докторирал на Националната ликовна академија 2012 год. во Софија, специјалност „Историја на уметноста и ликовни уметности. Уметноста на Бакрески е интердисциплинарна, подеднакво насочена како кон традиционалните ликовни дисциплини, така и кон новиот дигитален медиум и уметничките дела создадени со помош на компјутерските технологии. Тој создава свој личен ликовен сензибилитет потпирајќи се на ликовната традиција, отворен кон нејзина современа парафраза и интерпретација. Неговиот потпис стои и на фрескоживописот во повеќе цркви во Охридско, ги работел и целивалните икони за храмот на „Свети Климент и Пантелејмон“ на Плаошник, како и иконите од апостолскиот ред и крстот на иконостасот во црквата „Св. Јован Богослов“ – Канео во Охрид.
Неодамна на Охридско лето се претставивте со „Проширена апстракција“ која за посетителите ќе биде отворена до 25 јули. Иако за еден уметник е неблагодарно прашањето – што е главната идеја на инсталацијата?
- Проектот „Проширена апстракција“ (Augmented Abstraction) чиј концепт созрева веќе неколку години, го покренува прашањето за односот помеѓу традицијата и иновациите во уметноста. Тоа верувам е еден од најголемите предизвици денес, особено поради појавата на дигиталниот медиум и компјутерските технологии – една нова дисциплина, со свој речник, естетика и начин на живот, која допрва следува да биде прифатена како рамноправна со традиционалните ликовни дисциплини. Во овој проект, традиционалното апстрактно сликарство добива нови аспекти, „преведено“ преку дигиталниот медиум и компјутерските технологии.
Посетителите на изложбата имаат можност да учествуваат и интерактивно во поставката, бележејќи ги делата преку дигитални уреди. Што за Вас како уметник значи Ваквото учество на публиката?
- Основниот концепт се заснова на тоа дека креативниот процес во традиционалното апстрактното сликарство е крајно субјективен и нејасен за широката публика, а дигиталниот медиум од друга страна го прави тој креативен процес отворен кон публиката. Овде дури и таа учествува активно, секој сам си ја пронаоѓа „својата“ апстрактна композиција. „Проширена апстракција“ содржи актови насликани во компјутерската програма „Adobe Photoshop“, со користење на повеќе слоеви (layers), каде секој посебен слој содржи одреден број на апстрактни форми, обоени дамки итн. Вака насликаните актови се прикажани на големи екрани. Со помош на компјутерската техника „проширената реалност“ (Augmented reality) понатаму овие актови може да се набљудуваат преку таблети или „паметни телефони“ преку специјално инсталирана апликација, како би се активирала „проширената реалност“ и овие слоеви би се „одвоиле“ од формата во 3D виртуално пространство, создавајќи алузивни или потполно апстрактни слики.
Дали во односот меѓу традиционалното сликарство и дигиталните медиуми и компјутерските технологии гледате нужно отворање кон новото или предизвик?
- Нужно отворање кон новото. Знаете, големиот Петар Мазев еднаш кажа дека „сликарот го бележи своето време. Ако не го прати сопственото време, он не е човек на своето време.“ И сепак, сето она што претставува Македонија како историја, културно наследство и ликовна традиција беше дел од системот на Петар Мазев како постојана структура. Јас верувам во ова. Иако не сите новосоздадени вредности коегзистираат со постојаните вредности, јас верувам дека преку традицијата сум го пронашол својот творечки идентитет. Секако зборувам за филозофско разбирање на ликовната традиција, комуницирање над стандардните шаблони на препознавање. Денес доминираат дигиталниот медиум и компјутерските технологии, и токму тие ќе дадат нови аспекти на традицијата и на досега акумулираното знаење.
Каква е современата македонска ликовна сцена, може ли да и парира на европската и светската?
- Мое мислење е дека денес не би можеле да зборуваме за македонска ликовна сцена без да зборуваме за светска ликовна сцена. Денешниот светски поредок направи така да ликовните сцени се реорганизираат и да го глобализираат своето дејствување. Светот во кој живееме денес е малку поинаков од она што бил пред неколку децении. Денес создавањето на уметност е контролирано од тој „art market“, а финансиската моќ на неколку држави ја раководи светската ликовна сцена. Денес пола од глобалните арт продажби се случуваат во САД, а пола од другата половина во Англија. Ако ги погледнете спонзорите на едно биенале на пример, најмногу ќе видите бизниси кои се борат за промоција на својот бренд, па понатаму нации кои се трудат да промовираат продукти на својата култура, универзитети итн. Но, јас верувам дека е сосема возможно автор роден во овој дел на светот да ја покори светската ликовна сцена, онака како што тоа го направија македонските автори од претходните генерации. Денес е можеби уште полесно бидејќи живееме во информациско време во кое изгледот на светот зависи од распространувањето на информацијата и на гледната точка, а тоа се случува многу брзо.
Александра Јуруковска



