Претстојниот национален празник Илинден, Друштвото на писателите на Македонија го одбележува со песни од врвните македонски поети Блаже Конески, Гане Тодоровски, Анте Поповски, Петре М. Андреевски, Радован Павловски, Иван Чаповски и Михаил Ренџов...
Големата тема и неисцрпната творечка инспирација од една од најсветлите страници од историјата на македонскиот народ, преку песните „Девственици“ од Блаже Конески, „4 мај 1903“ од Гане Тодоровски, „Гоце Делчев“ и „Мечкин Камен“ од Анте Поповски, „Ко да беше лани„ и „1903“ од Петре М. Андреевски, поемата „Гоце“ од Радован Павловски, „Песна за стариот комита“ од Иван Чаповски и „Август 1903“ од Михаил Ренџов, ДПМ на својата веб страница www.dpm-pisateli.mkги испраќа како порака за духовниот и длабоко мотивиран однос на писателите кон вековното опстојување на својот народ.
Друштвото на писателите по овој повод упатува на фактот дека на илинденската тема, покрај поетски, напишани се и голем број прозни и драмски остварувања, а објавени се и панорамски и антологиски избори кои имаат свое место во ризницата на трајни вредности, пред се со своите естетски особености.
Темата Илинден е предмет и на низа книжевно- историски и научни анализи и толкувања во кои се утврдува и посебен, Илинденски период, во развојните процеси на македонската литература.

