Екипата на Патувачкото кино на „МакеДокс“ почна да го подготвува седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, што ќе се одржи од 20 до 26 август во Скопје...
Екипата на Патувачкото кино на „МакеДокс“, која од 10 до 26 јули беше во валандовско-дојранскиот регион, со проекциите во Валандово (22 јули), Богданци (23 јули) и Фурка (25 јули) го заврши годинашното патување и почна да го подготвува седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“, што ќе се одржи од 20 до 26 август во Скопје.
Во текот на Патувачкото кино екипата на „МакеДокс“ беше сместена во манастирот „Свети Ѓорѓи“, кој се наоѓа на падините на планината Плавуш, веднаш над градот Валандово. Црквата е подигната во средниот век, во турско време прераснала во манастир со стотина монаси, а во големиот земјотрес што го зафатил тој крај во 1931 година била срушена. Неимарите повторно ја подигнале и во денешно време служи за религиозен живот, но и за одмор и релаксација на жителите од околните населени места.
Во последниве 20-тина години за црквата и за манастирот се грижат дедо Симо и баба Гроздена, кои беа многу љубезни домаќини на екипата на „МакеДокс“. Во текот на нивното опстојување во манастирот е обновена црквата, насликани се нови фрески, а изградени се и неколку нови придружни објекти во манастирскиот круг.
Трите последни проекции од седмото Патувачко кино се случија во Валандово, Богданци и во селото Фурка.
Филмското платно во Валандово беше оптегнато во близина на градското шеталиште, а беа прикажани повеќе кратки документарни филмови од архивата на Кинотеката на Македонија, како „Свилената буба“, по која е познат овој крај, „Патот на јагулите“, животописот на браќата Манаки, но и понови продукции, како документарниот филм „Сребрена песна“ за филиграните на дизајнерката Марија Милошевска.
Во Богданци, Патувачкото кино на „МакеДокс“ го отвори Културното лето, што во овој град со различни содржини трае од 23 јули до 3 септември. Паркот пред Домот на култура, и истовремено Градска библиотека „Бранд Петрушев“, беше одлична локација за прикажување на филмовите „Живот во движење“ и „Синема комунисто“.
Седмото издание на Патувачкото кино е поддржано од Агенцијата за филм на Република Македонија. Следува седмото издание на Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во Скопје, кој ќе се одржи од 20 до 26 август 2016 година во Скопје, со мото „Сите сме приказна“.



