Од денеска, 12 до 14 август во Битола ќе се одржува 11-от Фестивал за современи уметности АКТО...
Тридневната програма под мотото Pop Up или искрснување, ќе биде фокусирана на политичката моќ на уметничките колективи.
– Оваа година главниот акцент на програмата е врз моќта на колективното делување, пред се политичката моќ на уметничките колективи. Покрај тоа што единаесеттото издание на АКТО оваа година започнува во Битола, каде што сме навикнати да го следиме, потоа ќе се одржи и во Скопје, Штип и Тетово. Уште од почетоците на АКТО, една од главните карактеристики на фестивалот е откривање и освојуање различни простори и работа со локални проблеми, па токму затоа одлучивме АКТО приказната да се прошири во другите градови, рече на прес-конференција Филип Јовановски, претставник од организацијата на фестивалот.
Сите музички настапи и пероформанси ќе бидат бесплатни, а на лоакциите каде што ќе се одржува фестивалот ќе има пунктови за донации за помош на населението од поплавените подрачја во Скопско.
Фестивалот ќе се одржува на повеќе локации во Битола, односно фабриката „Фрижидери“ во индустрискиот дел, кафе-барот „Јагода“, како и Центарот за култура и Народниот театар во Битола.
– Околу локациите каде што ќе се одржува фестивалот, фокусирани сме во фабриката „Фрижидери“ во индустриската зона во Битола, која ќе биде своевидна независна зона, каде што ќе биде фокусирана музичката програма и дел од конференциите и изложбите. Ќе имаме и АКТО камион кој ќе кружи во Битола и ќе ја шири пораката на фестивалот. Оваа година имаме богата музичка програма, а музичарите кои ќе настапуваат, во изминатите децении активно влијаеле на општеството преку музиката што ја создаваат. Ќе настапуваат Дисциплина кичме, Фолтин, Џимпстер и многу други диџеи и бендови од Битола и регионот, додаде Јовановски.
Поп ап АКТО е организиран од ФРУ – Факултет за работи што не се учат, а финансиски е поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој УСАИД.

