На програмата на вечерашниот концерт, за кој постои огромен интерес кај македонската и регионалната музичка јавност, се сонатите на Дебиси и на Прокофиев, „Девиртименто“ на Стравински и медитации на Чајковски...
- Огромна чест претставува за мене можноста што после повеќе од една деценија повторно сум тука во Охрид, на престижниот фестивал „Охридско лето“. Тогаш бев импресиониран од убавините на ова место, некаде во себе ги носам мирисите, спомените за тоа време. Од друга страна, и јас сум директор на еден фестивал „Гранд Сајбириа“ што го основав пред неколку години, така што се она што го гледам тука како искуство на овој фестивал, се обидувам да го вметнам некако и во мојот фестивалски проект, порача маестро Вадим Репин, еден од најголемите виолинисти на современата руска и светска музичка сцена, кој вечерва во рамки на „Охридско лето“ ќе одржи концерт заедно со рускиот пијанист, маестро Андреј Коробеиников.
- Обично фестивалите водат сметка за тоа кој ќе настапува на завршницата на програмата така што сме особено почестени со колегата Коробеиников токму ние ќе ја заокружиме музичката фестивалска програма, рече маестро Репин на денешната прес-конференција повод нивниот вечерашен настап.
Репин за соработката со Коробеиников истакна дека е навистина посебна, интересна, истовремено логична, но и непредвидлива што како комбинација звучи можеби контрадикторно, но, како што рече, токму таквиот однос ја детерминира леснотијата, природноста, непосредноста на нашиот меѓусебен однос на сцената.
Андреј Коробеиников од своја страна рече дека секогаш кога концертира со Репин чувствува како да држи соло концерт.
- Секој наш концерт е посебен, поинаков токму поради нашата слобода во музицирањето, слободниот, би рекол максималистички пристап, кон она што сакаме да го пренесеме како уметничка порака. Страста, експресивноста на маестро Репин е заразна така што секогаш резултира со особена мотивација при нашите настапи, рече маестро Коробеиников.
Тој во оваа прилика истакна уште дека мотив повеќе за целосно негово вложување во вечерашниот настап е местото на одржувањето на концертот, на сцената во катедралната црква „Света Софија“.
- Тоа за мене е нешто особено, уште повеќе што прв пат ќе свирам во црква, нешто што во Русија е невозможно бидејќи Руската православна црква не дозволува музички концерти во нашите храмови. Како уметник, но и како православен христијанин, сум воодушевен и среќен што ќе ја имам таа прилика да музицирам во такво свето место, што уште сега пред самиот концерт буди поразлични емоции, поинаков пристап од вообичаениот кога станува збор за нашите настапи, рече Коробеиников.
Селекторот на музичката фестивалска програма Гордана Јосифова – Неделковска потсети на определбата „Охридско лето“ изминатите десетина години секогаш на затворањето на програма да бидат одбрани концерти со врвни уметници како Сара Чанг, Максим Венгеров, Александар Рудин, Енрико Диндо, Немања Радуловиќ и многу други.
- Концертот на музичката легенда маестро Вадим Репин и маестралниот пијанист Андреј Коробеиников се огромен придонес за ова фестивалско идание да биде наречено „со музичките легенди“, рече таа.
Инаку, маестро Репин свири на исклучително редок инструмент, непроценлива виолина изработена од великиот Страдивари во 1733 година, на која во времето на Наполеон музицирал и познатиот француски виолинист и композитор Јан Пјер Жозеф Роде.

