Проектот Скопски летен ритам кој започна во текот на летото продолжува и во месец септември...
На Плоштад Богородица ќе се претстави Културно уметничкото друштво „Григор Прличев“ од Скопје, најпознатиот и единствен фолклорен ансамбл на територијата на Општина Ѓорче Петров кој традиционално ги негува народната изворна традиција, фолклор и етнологија на населението во државата. Денес брои 400 членови кои на професионален и успешен начин ги презентираат народното оро и песна смело и гордо пред широкиот аудиториум. Формирани се 1945 година и се еден од најстарите ансамбли на Р. Македонија кој успешно ја презентира државата на сите културни и фолклорни манифестации во Републиката и надвор.
На Плоштадот ВМРО е предвидена уште една рок свирка на која ќе настапат „Швалери“, бенд кој постои и настапува веќе шест години, и е добро познат на публиката со своите редовни настапи низ скопските куфулиња и дискотеки. Членовите на бендот имаат настапувано на неколку скопски фестивали (Мак Фест, Демо Фест, Скопски Фестивал и други). Бендот го сочинуваат: Драги Филиповски (вокал), Димитар Стефановски (соло гитара), Даниел Шилев (ритам гитара), Јордан Георгиевски (бас гитара) и Кристијан Лафазановски (тапани).
Проектот е поддржан од Град Скопје, а е во реализација на ЈУ Конгресен центар „Александар Македонски“ – Скопје.

