Новиот поетски ракопис на Жарко Кујунџиски содржи четири дела: пролог, два циклуса – Ние и Предметите, двата со по 32 песни, и епилог...
Писателот Жарко Кујунџиски ја објави својата трета поетска збирка „Ние предметите“, во издание на „Антолог“. За корицата на книгата е искористена сликата Љубов на месечината на уметникот Ване Костуранов.
– Џеси Блејз е Жарко Кујунџиски. Или Жарко Кујунџиски е Џеси Блејз. Затоа и песните во оваа збирка се најмногу во оној препознатлив, урбан и љубовен стил. Но, ако внимателно читаме, ќе најдеме и стихови што како да се создадени во поетската работилница на Блаже Конески, Влада Урошевиќ, Рејмонд Карвер, Андре Бретон, велат од Антолог.
Станува збор за една хармонично структурирана книга стихови, која пленува со својата инвентивност и со висок степен на култура на изразот, како што му прилега на поетскиот дискурс. Жанровското богатство на песните поместени во ракописот: од лирски минијатури што понекогаш прозвучуваат и како филозофски сентенции – до подолги наративни стихови, како и високо стилизираниот исказ, одат во прилог на неговите несомнени естетски вредности.
„Песните се одликуваат со мошне впечатливи поетски слики, неретко во еден манир сроден на надреалистичкиот, во смисла на очудување на реалното, игра со вообичаеното и со нашата рационална свест. Тематскиот дијапазон е широк и разновиден; опфаќа љубовни мотиви, митски реминисценции и автопоетички размисли околу поезијата, неретко со еден (авто)ироничен призвук“, вели во својата рецензија кон збирката Лидија Капушевска-Дракулевска.

