Современот бугарски прозен автор Георги Господинов е добитник на наградата „Прозарт“ за 2016 година на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“...
Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ во организација на издавачката куќа „Икона“ ќе се одржува од 29-ти до 31 мај.
Писателот на 31 мај во Даут-пашин амам ќе ја прими наградата која фестивалот му ја доделува за авторски придонес кон развојот на книжевноста на Балканот. Георги Господинов е најпреведуван современ бугарски прозаист со бројни афирмативни критики од познати европски и американски проследувачи на литературата, за своите три прозни дела: „Природен роман“, „И други приказни“ и „Физика на тагата“.
- Уште од своите студентски денови со својот особен раскажувачки глас, автентичен стил на раскажување и необично откачена духовитост, се наметна како исклучително име на новата бугарска литература. Покрај бројните книжевни признанија, тој многу брзо добива и голем број приврзани читатели во Европа и САД, а меѓу нив и голем број почитувачи во Македонија, изјави Александар Прокопиев, уметнички директор на „ПРО-ЗА Балкан“.
Последна преведена книга од Господинов на македонски е „Физика на тагата“ во превод на македонски јазик на Душко Крстевски, а во издание на „Или-Или“.
Претставник од Македонија на годинашното издание е академик Луан Старова, чиј најнов роман „Враќањето на козите“ беше објавен неодамна. Се работи за своевидно продолжение на „Времето на козите“, дело кое досега е преведено на повеќе од дваесет јазици.
Како што информира организаторот, на фестивалот повторно ќе дојде и писателот, професор, уредник, долгогодишен претседател на жирито за доделување на наградата „Виленица“ на истоимениот фестивал – Андреј Блатник од Словенија.
Од Турција ќе учествува Асли Перкер, една од најпопуларните млади писателки чии дела се продаваат во тиражи од стотици илјади. Делата на Перкер се преведени на над 20 јазици, а издавач во Македонија е „Бата Прес“.
Српската литература оваа година е претставена со двајца гости - Марко Видојковиќ и Звонко Карановиќ. Нивни дела се објавени во издание на „Македонска реч“ и „Блесок“. Карановиќ е дел и од книжевната резиденција во Скопје во организација на „Готен“.
Во рамките на ПРО-ЗА Балкан ќе се одржи програмата „Skopje fellowship“ на која, како што претходно беше најавено, гости ќе бидат Џон О'Брајан, основач на „Далки архив прес“ како и литературен агент и четири издавачи од Германија. Со помош на Фондацијата „Курт Волф“, гости на фестивалот ќе бидат издавачите Јерг Сандермајер од „Вербрехер”, Флориан Грундај од „Валштајн“, Рајнер Хелчл од „Опен хаус“, Севастос Самбсунис - „Гресенван“ и литературниот агент Кристине Лиштау од литературната агенција „Антас Биндерман Лиштау“.
Поради забележителното германско учество, фестивалот на 30 мај во ЕУ инфоцентарот ќе организира и тркалезна маса насловена „Независни издавачи од Германија и превод на литературата од Балканот: мапирање на реалноста“.


