На Музичката академија во Штип беше доделена највисоката награда „Гран При“ на Фондацијата Зографски, која годинава одбележува 10 годишнина од своето постоење...
Носители на оваа награда се проф. д-р Милица Шкариќ, пијанистите Петре Штерјов, Бисера Иванова, Бенжамен Думонт и осумгодишната Олга Ѓоргиева.
Во текот на 2016, носителите на наградата изведоа три концерти со дела за пијано од композиторот Томислав Зографски.
Првиот концерт се одржа на 8 април во Музичката академија во Жанблу, Белгија, каде премиерно во Белгија пијанистите Петре Штерјов и Бенжамен Думонт ги изведоа Минијатурите оп. 11 и Сонатината за две пијана оп. 142 од Томислав Зографски.
Вториот концерт насловен „Музиката на Зографски видена низ детските цртежи на Олга Ѓоргиева“ се одржа на 3 мај во Уметничката Галерија „Даут Пашин Амам“ во Скопје каде пијанистите Бисера Иванова и Петре Штерјов ги изведоа Минијатурите оп. 6 и 11 и Суитата оп. 27 за соло пијано. За време на нивната изведба беа изложени 120 цртежи од осумгодишната Олга Ѓоргиева.
Третиот концерт се одржа на 9 мај на Музичката академија во Штип, каде Иванова, Штерјов и Думонт изведоа целовечерен концерт со дела за пијано од Зографски.
Концептот на интерпретација на делата за пијано од Зографски на трите концерти беше направен под раководство пијанистката проф. д-р Милица Шкариќ, која е професор по пијано на Музичката академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

