Наскоро во издание на издавачката куќа „Магор“ ќе излезе романот „Бродот. Конзархија“ на еминентниот македонски писател Томислав Османли...
„Бродот. Конзархија“, му припаѓа на веројатно најмалку застапениот жанр во македонската литература, негативната утопија, е исклучителна книга чие дејствие се случува во 2039 година. Лектурата на изданието ја изврши професорот Томислав Треневски.
„Бродот. Конзархија“ е роман во кој авторот кој се обидува да ги открие својствата на новото прагматично време полно со симулакруми, со лажни стварности, кое во крајна линија и самото ќе се покаже како време на омасовени илузии и општи и лични прелаги. Во тоа време, покрај отуѓените карактери на својата негативна утопија, Османли го открива носталгичниот човек проектиран во блиската, отуѓена и хипер-меркантилна иднина.
Романот претставува продолжение на интересот на авторот за феноменот на играта на времето, на вистината, на реалноста и на илузијата, на симулакрумот, на холографот како надвладеана реалност... Авторот пишува за судбинските вредности и детерминанти, и повторно го става во фокус човекот – судбински или пак со игра на случајот – фрлен во хераклитовската река токму на свиоците од најбрзите, неизвесни, гранични струи на историјата...
Во време на зголемената понуда на идеолошките утопии, Османли во својот роман книжевно уверливо: релјефно, фабуларно, духовито и критички запловува во својата визија за иднината на овој дел од еден футуристички свет.

