Како дел од Програмата на Министерството за култура и НУ Завод и музеј Струмица за обнова на фасадите во старите градски јадра, завршени се две фасади во старата струмичка чаршија...
- Две фасади во старата струмичка чаршија се завршени како дел од Програмата на Министерството за култура и НУ Завод и музеј Струмица за обнова на фасадите во старите градски јадра, изјави директорт на струмичкиот музеј Зоран Рујак кој ги пречека министерката за култура Елизабета Канческа Милевска и претседателот на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски.
Тој додаде дека во подготовка се проекттите за нови две фасади.
- Досега се завршени фасадите на Архивот во Струмица и овие две во чаршијата. Ги подготвуваме проектите за нови две фасади од ова подрачје, кое во моментов ни е во приоритет, рече Рујак.
Министерката за култура, Елизабета Канческа Милевска очекува скора реализација на овие проекти.
– Во консултација со раководните лица на Музејот, договоривме годинава да ја завршат проектната документација и во септември да ја почнат тендерската постапка, за да може да почне со реализација од септември идната година, рече Канческа Милевска.
Струмичкиот завод интензивно работи на реконструкција на стариот театар, кој надлежните очекуваат да е готов до септември.
– Динамиката на работа е одлична. Во моментов поставуваме сценска механизација, ставаме фасада, треба да го средиме фоајето и други детали. Веќе ја спремивме и првата претстава, очекуваме да биде одиграна во септември кога и свечено ќе го пуштиме театарот, рече Рујак.
Годинава, Струмичкиот музеј ќе го чисти и фреско-живописот на црквата во Вељуса, оштетен уште за време на Втората балканска војна, потоа ќе подготвува предисториска наколна населба во Стар Дојран со 4 праисториски објекти и една мандра.
Стручните екипи во Завод и музеј Струмица, ја подговуваат и Монографијата за Цареви кули, капитално дело од 700 страни, а годинава треба да ја завршат северната кула на овој објект во кој ќе градат и средновековна куќа.



