Во среда, 26 април, со почеток во 20:00 часот во Музејот на современа уметност ќе биде отворена изложбата „Плакати“ на Михајло Арсовски...
Михајло Арсовски е роден на 9 јули 1937 година во Скопје, во фотографско семејство, левичари, кое по Втората светска војна се сели во Загреб. Веќе кон средината на 60-ттите години создава свој препознатлив визуелен јазик со спојување на колажот, фотомонтажата, типографските цитати, често потенцирајќи го токму пикторалното и визуелното влијание.
Тој е еден од најавтентичните пионери на графичкиот дизајн од 60-тите години, признат по своите смели визуелни решенија, чија иновативност може да се препознае и денес кај дизајнерите во Хрватска.
Со спојот на слики од високата и поп културата тој е, секако, зачетник на постмодернизмот во графичкиот дизајн. Неговиот опус се карактеризира со изразен личен став, отпор кон конвенционалните решенија и храбра критичка дистанца од тогашната актуелна ликовна сцена.
Михајло Арсовски одиграл клучна улога во едукацијата на многу млади дизајнери во Хрватска во 80-ттите години, меѓу кои Мирко Илиќ, Дејан Кршиќ, Никола Ѓурек и др... период кога во Хрватска никој не се занимавал со соодветна едукација посветена на типографијата.
Големиот уметник кој ги кршел стереотипите, гласно се противел на тогашното комунистичко општество, ретко се појавувал на изложбите во кои биле застапени неговите дела, ја одбил наградата за животно дело во Загреб, заслужува да му ја оддадеме сета почит, благодарност за визијата што ја имал, и ветување дека нема да биде заборавен.

