Вториот Зборник, кој го објави Институтот за македонска литература, содржи 34 научни прилози, објавени на македонски, словачки и на англиски јазик, кои претставуваат споредбени истражувања во различни области на културата помеѓу Македонија и Словачка, како историски, лингвистички, литературни, фолклорни...
Институтот за македонска литература и Амбасадата на Словачка во Македонија денеска, 23 април, го промовираа вториот Зборник на научни трудови - македонско-словачко книжевни, културни и јазични врски, произлезен од втората (биенална) Македонско-словачка научна конференција одржана во јули 2015 година во МАНУ.
Во своите воведни обраќања, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” Никола Јанкуловски, словачкиот амбасадор Мартин Безак и директорката на Институтот Маја Јакимовска-Тошиќ ги нагласија одличните односи меѓу двете земји во областа на обрзованието и културата, кои се темелат на заедничкото наследство на просветителите Кирил и Методиј.
Ректорот Јанкуловски истакна дека макеоднско-словачките културни врски имаат богата и повеќе од илјада години традиција, чии почетоци се поврзани со дејноста на сесловенските просветители Константин (Кирил) и Методиј.
Ја посочи соработката на македонските и словачките унивезритети, мобилностите на студенти и професори преку програмата на ЕУ „Еразмус плус“ и големиот број словачки лингвисти кои доаѓаат на Семинарот за македонски јазик во Охрид.
- Скопскиот универзитет и Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра остваруваат плодна научна и културна размена која во 2008 година резултураше со потпишување Договор за соработка меѓу нашите два универзитета, рече Јанкуловски, додавајќи ја и добрата соработка која ја остваруваат Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и институтите за јазик и за литература со Универзитетот „Комениус“ во Братислава.
Според амбасадорот на Словачка Мартин Безак, во последните три-четири години во афирмацијата и популаризацијата на словачко-македонските културни односи е постигнато повеќе отколку во изминатите 30-40 години.
Притоа тој го наброи сите реализирани проекти кои ја докажуваат засилената соработка, како конференции, издавачка продукција, објава на туристички водичи, преводи на поезија и проза на македонски односно словачки автори, претставување на кинематографијата, Денови на словачката гастрономија во Скопје итн.
Покрај интензивирањето на културните, образовни и научни врски меѓу двете земји, Безак потсети и дека од март 2016 година е во функција и првата директна авионска линија меѓу Братислава и Скопје која, како што рече, е со целосно искористен капацитет и значително придонесува за интеракцијата и мобилноста на граѓаните од двете држави.
- Над 1500 граѓани на Македонија, вклучувајќи 25 студенти кои трајно или долгорочно живеат во Словачка, како и околу сто словачки граѓани кои живеат во Македонија, може да ги обележиме како културни дипломати кои ги шират социокултурните вредности, традиции и обичаи во средината на другата земја, рече амбасадорот Безак.
На промоцијата на Зборникот беше прикажан и инсерт од документарниот триптих „Мисијата на браќата Константин и Методиј“, продуциран од Словачката телевизија во 2014 година.
Првата Македонско-словачка научна конференција се одржа на Универзитетот „Константин Филозоф“ во Нитра, Словачка, во 2013 година, по повод 1150 години од Моравската мисија на светите Кирил и Методиј.
Зборникот од првата конференција пред две години е објавен во Словачка. Третата Македонско-словачка научна конференција е планирана за следната година во словачката престолнина - Братислава.


