Во Штип е промовирана книгата „Традициски верувања и обредна пракса околу раѓањето кај Овчеполците“ чиј автор е магистерот по етнолошки науки Трајан Ристовски...
– Книгата е всушност мојот магистерски труд и е плод на двегодишна теренска и теоретска истражувачка дејност. Во неа се концентрирам само на еден дел од богатото духовно наследство, конкретно на обредниот комплекс раѓање кај етничката група Овчеполци, како составен дел на македонскиот народ, познати и како Которци. Оваа тема ја одбрав од причина што посебно за овој сегмент од духовната култура на оваа етнографска група беше целосно не истражен и не постоеше никаков пишан документ, изјави Ристовски.
Промоторот на книгата, директорот на Институтот за фолклор „Марко Цепенков“- Скопје Зоран Малинов нагласи дека монографијата преку изјави на информатори, компарации, научни вистини и факти, на читателот му овозможува да патува низ времето, да го визуелизира минатото и да го осознае тогашниот начин на живеење.
– Преку презентација на обредната пракса, која е нераскинлив дел од народното верување и нејзина анализа, се восприема светогледот на традицискиот човек за светот што го опкружува, рече Малинов.
Потенцира дека во книгата се прави и паралела меѓу некогашната и сегашната состојба на обредноста поврзана со раѓањето. Тој смета дека книгата ќе најде широка примена не само кај стручната јавност, етнолошка, антрополшка, фолклористичка, туку и кај пошироката читателска публика.
Директорката на Универзитетската библиотека „Гоце Делчев“-Штип, Милена Ристова-Михајловска истакна дека промоцијата на книгата „Традициски верувања и обредна пракса околу раѓањето кај Овчеполците“ е еден од трите проекти во делот на издавачката дејност на библиотеката, кои се поддржани од Министерството за култура. Таа очекува оваа книга да има послужи на студентите, истражувачите и на читателите кои доаѓаат во библиотеката.

