Хорот „Драган Шуплевски“ при Факултетот за музичка уметност - Скопје под диригентство на професор Сашо Татарчевски, во периодот од 15-ти до 20-ти мај зеде учество на два меѓународни фестивали...
Станува збор за десеттиот хорски фестивал “Edmund Szimanowsky” како и тринаесеттиот фестивал за универзитетски хорови и оркестри “Universitas Cantat” во Познањ, Полска.
Освен самостојните концерти, хорот учествуваше и во подготовките и праизведбата на композицијата “Amor et Psyche” заедно со останатите хорови и оркестри од САД, Унгарија, Белорусија, Србија, Турција, Русија и Полска.
Настапите на нашиот хор беа проследени со извонредни реакции од публиката како и со блескави критики на стручната јавност. Хорот изведе широк репертоар од повеќе епохи и музички стилови а најголемо внимание привлече концертот во прекрасната концертна сала на универзитетот „Адам Мицкјевич“ на кој беа изведени композиции од македонски автори.
Извонредниот настап на хорот му донесе повеќе директни покани за учество на најважните хорски настани во Европа и Американскиот континент.
Професорот Татарчевски ни изјави дека е исклучително задоволен од настапите како и од односот на студентите, кои достојно го претставија својот факултет, универзитетот како и својата земја, Република Македонија пред универзитетската и културната јавност на повеќе земји.
Оваа турнеја е продолжување на континуираните успеси на хорот „Драган Шуплевски“ на меѓународната сцена во изминатите десет години а е остварена со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.

