Хрватскиот писател Миљенко Јерговиќ е петтиот добитник на наградата „Прозарт“ за авторски придонес во развојот на книжевноста на Балканот, што ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „Про-за Балкан“...
Наградата на еден од најзначајните писатели во регионот ќе му биде врачена на 30 мај во Даут-пашиниот амам, на затворањето на фестивалот, кој го организира издавачката куќа „Икона“.
Миљенко Јерговиќ, кој беше гостин на првото издание на „Про-за Балкан“, е роден во 1966 година во Сараево, а денес живее во Загреб. Автор е на повеќе од 30 романи, збирки раскази и поетски изданија.
Добитник е на голем број национални и меѓународни книжевни награди, како наградата за мир „Ерих Марија Ремарк“ (1995), италијанската Premio Grinzane Cavour (2003), Ангелската книжевна награда за најдобар роман во Средна Европа (Полска, 2012) и наградата „Његош“ (2015). Тој е еден од најчитаните автори во регионот.
– Драго ни е што еден од најбескомпромисните писатели и колумнисти, луцидниот критичар на секојдневието и политиката и, најверојатно, најчитаниот автор од екс Југославија од неговата генерација, Миљенко Јерговиќ, прифати да ја прими наградата „Прозарт“ во Скопје. После лауреати како Владислав Бајац, Даша Дрндиќ, Вида Огњеновиќ и Георги Господинов, Јерговиќ ќе го зацврсти реномето на наградата „Прозарт“ меѓу литературните кругови во Европа и пошироко, изјави Дејан Трајкоски, директор на фестивалот.
На годинашното издание на фестивалот, кој ќе биде отворен на 28 мај во 19.30 часот во Даут-пашиниот амам, гости ќе бидат и авторите: Наташа Крамбергер од Словенија, Мурат Ѓулсој од Турција, Владимир Пиштало од Србија, Антон Баев од Бугарија, како и македонскиот писател Влада Урошевиќ.
Специјален гостин на фестивалот ќе биде исландскиот писател Браги Олафсон. За делата на гостите ќе зборуваат: Александар Прокопиев, уметнички директор на фестивалот, Ермис Лафазановски, претседател на Одборот за доделување на „Прозарт“, и Владимир Јанковски, модератор.
Во рамките на фестивалот и годинава ќе се одржи програмата „Скопје фелоушип“ во која гости ќе бидат тројца познати издавачи – Емануел Колас од Франција, Ненад Шапоња од Србија и Тамер Саид од Дубаи. Тие ќе се сретнат со писатели од Македонија и со членови на Македонската асоцијација на издавачи.

