Во издание на Филозофското друштво на Македонија излезе од печат дваесет и првиот број на Филозофска трибина, во коешто централно место зазема тематот „ФИЛОЗОФИЈА И ФИЛМ“.
Овој темат е прва публикација од оваа област кај нас и во него се поместени излагања на дел од гостите на Филозофскиот Филмски Фестивал, местото каде се направија пионерските обиди за воведување на филм-филозофијата во Македонија, како и неколку текстови од други професори и помлади колеги коишто истражуваат во оваа област.
Освен тематот, во списанието се наоѓаат и неколку текстови од Работилницата за Аристотеловиот поим hyle одржана на Филозофскиот факултет, авторски текст за стрипот, победничкиот есеј од Конкурсот за средношколски филмософски есеј на ФФФ 2016 и неколку прилози во рубриката „Филозофски живот“.
Промоцијата е закажана за 6-ти јули (четврток) со почеток од 20:00 часот во ГЕМ Клубот (над Менада, Стара чаршија). Промотор ќе биде Раководител на Институтот за филозофија при Филозофскиот факултет во Скопје, проф. д-р Иван Џепароски.
Тематот е реализиран како сегмент од годинешното издание на Филозофскиот Филмски Фестивал и е поддржан од програмата за поддршка на граѓанското општество Цивика мобилитас на Швајцарската агенција за развој и соработка.

