Марсел Бозоне, легендата на францускиот и европскиот театар, која половина век со своите креации оствари брилијанта уметничка Одисеја , на 6 јули во 21 часот во амфитеатарот во Ресен ќе биде прогласен за Актер на Европа 2017.
Во присуство на амбасадорот на Франција и Претседателот на Светската асоцијација на театарски критичари Жорж Бани, ќе биде прикажан документарен филм за лауреатот Бозоне, а во чест на јубилејот на фестивалот ректорот на Универзитетот за аудиовизуелни уметности Јордан Плевнеш и ректорот на Националниот универзитетот за филм и театар од Букурешт, Николае Мандеа ќе потпишат меморандум за заедничка соработка.
Точно пред 15 години , кога Европскиот парламент го прогласи Преспанското езеро за меѓуграничен европски парк помеѓу Македонија, Грција и Албанија, група на европски и македонски интелектуалци го покренаа Интернационалниот театарски фестивал, на бреговите на Преспанското езеро, кој секоја година ќе го слави како голем подвижник на историјата , Неговото величество Актерот.
По оваа оригиналност Актерот на Европа го препознаваат насекаде во светот, 15 години и величествените европски имиња Љуба Тадиќ, Брус Мејерс, Раде Шербеџија, Ана Патерсон, Милена Зупанчич, Јон Карамитру, Зијах Соколовиќ, Костас Гакидес, Ирина Евдокомова, Димитри Орготска и други, ја красат уметничката хронологија на овој реномиран фестивал. По повод јубилејот ќе бидат доделени три Големи повелби, „Балканот – Срцето на Европа“ на личности коишто оствариле капитален придонес во основањето и развојот на фестивалот.
Од Македонија со ова високо признание ќе се здобие поранешниот министер за култура и долгогодишен селектор на фестивалот Благоја Стефановски, публицистот од Косово Ќани Мехмеди и актерката од Грција Криса Јоаниду. Поздравна реч до гостите и учесниците ќе упати градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски, којшто ќе ги додели наградите „Клучевите на Преспа 2017“ на Франсоаз Фитилис-Лабрус, француска режисерка со грчко потекло и академик Ристо Василевски, поет со меѓународно реноме.
Натпреварувачкиот дел ќе биде отворен со претставата „Идиот“ според делото на Достоевски, во изведба на академскиот театар од Букурешт, а во следните денови на фестивалот ќе бидат презентирани ексклузивни театарски остварувања од Бугарија, Косово, Србија, Франција, Грција, Хрватска. Жирито со кое претседава Мето Јовановски, на завршната вечер ќе ги прогласи победниците.

